Браќа Манаки цели десет дена ќе ја слави убавината на филмот

Под мотото „Филмот е убав“, од 18 до 27 септември, во Битола ќе се одржи 36-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Наместо седум, манифестацијата овој пат ќе биде распослана на 10 фестивалски дена во рамките на кои ќе бидат промовирани и двете нови програми - „Нов европски филм“ и „SEE Camera“, а во пресрет на овој голем културен настан планирано е да се одржи и презентацијата на ИФФК „Браќа Манаки“ на прочуениот фестивал во Кан.

Битола, од 18 до 27 септември, наново ќе биде сврталиште на европските и светските филмаџии и филмофили. Во градот под Пелистер, под мотото „Филмот е убав“, во цели 10 дена ќе се случува 36-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Да покажеме дека сме можеле и тогаш и денеска да бидеме во тренд со работите. Да правиме убави нешта и да можеме да се носиме со предизвиците на секое нешто што во светот земало замав. Сакаме да докажеме дека со истите работи и креативно и професионално можеме да ги исполнуваме највисоките критериуми.
Димитар Николов – Таки, директор на фестивалот Браќа Манаки.

Овој пат тоа е збогатено со две нови програми - „Нов европски филм“ за која што ќе се погрижи Дејан Трајковски и која се воведува со цел да бидат привлечени младите филмски автори своите први филмови премиерно да ги претстават во Битола и „SEE Camera“, чии амбиции се да ја промовира работата на авторите и кинематограферите од Југоисточна Европа, а којашто ќе ја потпише Саша Станишиќ.

На фестивалот сакаме да му обезбедиме што е можно поголема финансиска поддршка од европски филмски фондови.
Димитар Николов – Таки, директор на фестивалот Браќа Манаки.

„Оваа година Канскиот фестивал е одбележан со 120 години творештво на браќата Лимиер. Само 10 години подоцна браќата Манаки се појавија на светската мапа на новата магија што ќе го обземе до ден денешен светот – камерата, со која ги направија првите снимки во Македонија и воопшто на Балканот. Тоа е убав повод да покажеме дека тука, на овие простори ние не сме заостануваме многу зад Европа и светот. Да покажеме дека сме можеле и тогаш и денеска да бидеме во тренд со работите. Да правиме убави нешта и да можеме да се носиме со предизвиците на секое нешто што во светот земало замав. Сакаме да докажеме дека со истите работи и креативно и професионално можеме да ги исполнуваме највисоките критериуми“, вели продуцентот Димитар Николов – Таки, новиот директор на Фестивалот.

Тој дополнува дека во пресрет на годинашното издание на манифестацијата од особено значење е тоа што по прв пат од постоењето ќе биде сторена и презентација на ИФФК „Браќа Манаки“ на прочуениот филмски фестивал во Кан.

„Промоцијата во Кан е многу важна од повеќе аспекти. Кан во деновите на фестивалот е центарот на филмскиот свет и затоа можеме да го исползуваме за наша промоција. Сакаме да привлечеме што е можно поголемо внимание врз нашиот фестивал. На фестивалот сакаме да му обезбедиме што е можно поголема финансиска поддршка од европски филмски фондови. Подготвивме интересен пропаганден материјал, а уште поважно ќе ни биде лично да се сретнеме со претставници на филмската индустрија. Тие се наши потенцијални гости во рамките на 36. издание на фестивалот. Јубилејот 110 години од браќата Манаки ќе ни биде силен адут“, вели Николов.

Во реализацијата на оваа идеја на селекторот Благоја Куновски, насловена како „Објективи низ времето“, ќе бидат вклучени и Агенцијата за филм, Кинотека на Македонија и Општина Битола, а градоначалникот Владимир Талевски истакнува дека на овој начин најсликовито ќе биде претставена нивната долгогодишна заложбата за градот како идеален простор за продукција на филмови.

„Тоа е алката којашто ценевме дека долго ја нема во историјата на градот и се разбира во филмската приказна за Битола. Од таму сметаме дека ова е многу значајно што ќе го направиме во Кан. Таму ќе се претставиме пред сите светски филмаџии и ќе сториме еден чекор напред во промовирањето на нашиот Фестивал. Тоа е наш нов предизвик и цениме дека афирмацијата од овој аспект ќе биде многу значајна“, вели Николов.

Инаку, и натаму стожер на фестивалската програма е категоријата „Камера 300“ – официјалниот натпревар на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа категорија добиваат Златна, Сребрена и Бронзена камера. Од друга страна составен дел на фестивалот се програмата за најмладите и документарната програма (чиј долгогодишен потписник е Евгенија Теодосиевска), а на „Браќа Манаки“ се организираат и работилници, семинари, промоции и изложби. Конечно Фестивалот доделува и Награда за животно дело.

„Ние тој тренд ќе го задржиме. Ќе гледаме да донесеме што повеќе ѕвезди на Фестивалот, но исто така ќе гледаме и кинематографери и како што знаете основно ќе биде да носиме што повеќе филмски професионалци од светот и од Македонија кои меѓу себе ќе комуницираат и ќе наоѓаат заеднички начин за соработка“, дециден е Николов, кој на местото прв човек на ИФФК „Браќа Манаки“, дојде по заминувањето на Лабина Митевска.