Груевски - Има слобода, но опозицијата така се вади за поразите

Според мнозинството на граѓаните, опозицијата со својот медиумски и невладин сектор, со самото свое делување покажува дека во оваа држава има и слобода и демократија, рече премиерот Никола Груевски откако беше реизбран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот во Куманово.

Во Македонија има и слобода и демократија, затоа и опозицијата може да делува. Ние работиме заедно. Нашата цел е силна, успешна и просперитетна Македонија. Нашата цел е европска Македонија. Земја со ниска невработеност, повисок животен стандард, побогат земјоделец, со повеќе знаење и креативност кај граѓаните, со посреќен пензионер. Земја на слободни граѓани со многу можности, можности за избор и шанси за успех, рече Никола Груевски кој на 15-от кумановски Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска беше реизбран за лидер на партијата со 528 гласови за и едно неважечко ливче.

Особено по катастрофалните порази, но по очигледен сопствен недостиг на концепт, план, легитимна политичка стратегија, тие почнаа својата политичка агенда да ја формираат само на еден збор, а тоа е слобода. Односно и форма на организирање која произлегува од слободата, тоа е демократијата.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во обраќањето до делегатите по добиениот мандат во партијата, Груевски зборуваше за разликите во поимањето на слободата и демократијата помеѓу опозицијата и неговата партија. Тој нагласи дека до 2009 година таква работа не се споменувала.

„Особено по катастрофалните порази, но по очигледен сопствен недостиг на концепт, план, легитимна политичка стратегија, тие почнаа својата политичка агенда да ја формираат само на еден збор, а тоа е слобода. Односно и форма на организирање која произлегува од слободата, тоа е демократијата“, рече тој.

Во Македонија нашата опозиција делува со инструменти чие постоење и начин на претставување покажува дека постои демократија. Во нив се невладиниот сектор каде доминира опозицијата, при што се трошат десетици милиони евра секоја година за проекти, некои корисни, но најчесто за пропаганда и оцрнување на власта и медиумите, каде под директна контрола на опозицијата се две национални телевизии, една кабловска, од вкупно шест, три дневни весници, над 30 портали за кои трошат грдни пари да ги финансираат и така натаму. А со една цел за негирање на владини проекти и слично. А потоа, нема демократија.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски рече дека опозицијата во својата приказна за слобода во, како што го нарекува ненародниот режим, ги убедила и некои други земји, кои тоа го прифатиле од сопствени причини. Како што додаде, тој е свесен дека не се безгрешни, но дека секоја добронамерна сугестија и идеја ја прифаќа. Сепак, не може целосно да разбере како тоа кога опозицијата била на власт не се споменувала ниту слободата, ниту демократијата, а пред извесно време кога ги погледнал изјавите на Црвенковски од тој период биле истите обвинувања, критики.

Груевски не испушти да ги спомене ниту кампањите на Сорос, кои, според него, укажуваат на нивното поимање на слободата и демократијата, кампањите во деведесеттите години, кога на медиумите им се забранувало да одат на прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ.

„Суштинската разлика меѓу нас е како ние, а како тие во СДСМ ја поимаат слободата и демократијата. Според мнозинството на граѓаните, опозицијата со својот медиумски и невладин сектор, со самото свое делување покажува дека во оваа држава има и слобода и демократија. А, слободата е сила и право да се делува без пречки, како секој поединец низ политичкото и јавно изразување. Сакам да го илустрирам следното. Во Македонија нашата опозиција делува со инструменти чие постоење и начин на претставување покажува дека постои демократија. Во нив се невладиниот сектор каде доминира опозицијата, при што се трошат десетици милиони евра секоја година за проекти, некои корисни, но најчесто за пропаганда и оцрнување на власта и медиумите, каде под директна контрола на опозицијата се две национални телевизии, една кабловска, од вкупно шест, три дневни весници, над 30 портали за кои трошат грдни пари да ги финансираат и така натаму. А со една цел за негирање на владини проекти и слично. А потоа, нема демократија“, рече Груевски.

Тој потсети на времето кога на власт била опозицијата, во кое, според него, имало шверц на нафта, избори на судии без присуство на опозицијата во парламентот, на нерасветлени убиства, лидери на синдикати со најскапи одела и Рејбан очила, студентски избори со тепачки и слично.

„На крај на се, токму таа партија на СДСМ нарачала следење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој.

При тоа Груевски се наврати на хронологијата во времето на власта на СДСМ, споменувајќи афери како што е „Дувло“, потоа за избори на професори на факултети по презимето, по членска книшка, а не по достигнувања.

„Не е ни чудна онаа славна изјава на Заев, за бркањето од чистачка до министер и за вработување преку кадровските комисии на СДСМ. Тоа е слобода и демократија“, обвини Груевски.

Тој во својот говор повеќе пати потенцираше дека во Македонија има и слобода и демократија, има влада и владејачка партија, подготвена со секого да дискутира за слабостите во владеењето и изразување јавно и недвосмислено став дека сакаат да ги поправаат нивните грешки и да го подобрат општествено-демократскиот амбиент. Груевски рече дека она што СДСМ го прави не е демократија, туку сето тоа е кампања само со цел да дојдат на власт по секоја цена. И додаде дека тоа нив, не треба да ги амнестира од нивните грешки и дека се должни да ги поправат.

Во своето обраќање до делегатите на 15-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ Груевски се задржа на иновациите кои успешните и богатите ги одделуваат од неуспешните и сиромашните земји во светот. При тоа рече дека во стремежот Македонија да биде дел од богатите земји и во иднина ќе се поттикнуваат претприемништвото и бизнисот, иновации во основното и средното образование, фондови за поддршка на иновации во сите области. Тој зборуваше за инвестициите, за привлекување на странски инвестиции, но не пропушти да каже дека не може да сфати зошто учениците протестираат затоа што матурскиот испит во 21-от век не сакаат да го полагаат преку интернет, туку сакаат на хартија. Тој рече дека не ги разбира ниту нивните родители кои ја уништуваат иднината на нивните деца кои ги поддржуваат во протестите, само заради тоа што се од спротивната политичка опција од ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски додаде дека за просперитет на државата потребен е меѓупартиски консензус и партиите да не си ставаат сопки на секој чекор.

„Има пет теми без оглед кој е на власт или во опозиција, а за кои треба да има консензус или меѓупартиски договор, со кој нема да се дел од дневна политика, или меѓусебни пцовки. Прво, повисок и максимално висок квалитет во образованието, иновациите, бизнисот. Второ, меѓуетничките односи и безбедноста на земјата, трето - проблемот со името, четврто, отворање нови работни места да биде заедничка цел, петто, согласноста дека во секоја сфера и во секоја област да си поставуваме повисоки стандарди“, рече тој.

Груевски најави 20 илјади нови вработувања, изградба на патишта со четири ленти, инвестиции во инфраструктурата, земјоделска помош и друго.