Реконструкцијата на Градскиот трговски центар нема да почне во скоро време. Директорот на ГТЦ, Аго Абазовски, за Радио Слободна Европа не сакаше да го коментира вчерашниот референдум во Oпштина Центар оти тоа било, како што вели, политичко прашање, а тој не сакал да навлегува во политика. Неговите прогнози се дека реновирaњето нема да почне во следниве неколку месеци оти во моментов се изработувала физибилити студија која треба да ја покаже исплатливоста и начинот на инвестирање, која очекува да виде готова во наредниве два-три месеци, па потоа ќе почнеле со барање инвеститори.
Треба да се седне да се разговара внатре во Иницијативата и ќе донесеме одредени одлуки. Утре нема да стават тараби на ГТЦ, така што ако стават не знам, може ќе ги бутнеме тарабите, може ќе се врземе за столбови, може ќе се самозапалиме, не знам. Не можам во моментов да ви кажам затоа што е прерано, веќе другата недела ќе почнеме со наредните активности на иницијативата.Никола Писарев, граѓанска иницијатива „Го сакам ГТЦ“.
Од Град Скопје, пак, целата одговорност околу тоа кога и како ќе почне да се менува изгледот на ГТЦ ја префрлаат на раководството на центарот. Инаку дека се планира трговскиот да добие барокен изглед се дозна уште пред две години кога комисијата во која беше и самиот Абазовски го избра проектот на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов за идејното решение по кое ќе се врши реконструкцијата. Оттогаш почнаа и низата активности на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ по чие барање вчера се организираше граѓанското изјаснување кое не го исполни потребниот цензус од 50 отсто.
Според Никола Писарев, еден од активистите во иницијативата, резултатите не се пораз, оти, како што вели, од нив се покажало дека околу 17 илјади луѓе поддржуваат ГТЦ да го задржи автентичниот изглед, а тоа не било мала бројка. Велат дека продолжуваат понатаму со своите активности.
„Ние ниту почнавме со референдум, ниту ќе завршиме со референдум. Иницијативата си трае две години, само еден од чекорите беше да се спроведе референдум, меѓу другото како точка за мобилизирање на граѓани. Практично ние вчера успеавме да мобилизираме околу 17 илјади луѓе, што за разлика од досегашните активности на протести за ГТЦ, гушкање и секаде каде што имало по максимум 2-3 илјади луѓе, сега имаме практично пораз на поддржувачите на иницијативата за барок на ГТЦ“, вели Писарев и додава дека многу брзо повторно ќе почнат со активности.
„Треба да се седне да се разговара внатре во Иницијативата и ќе донесеме одредени одлуки. Утре нема да стават тараби на ГТЦ, така што ако стават не знам, може ќе ги бутнеме тарабите, може ќе се врземе за столбови, може ќе се самозапалиме, не знам. Не можам во моментов да ви кажам затоа што е прерано, веќе другата недела ќе почнеме со наредните активности на иницијативата“, вели Писарев.
Од иницијативата уште вчера најавија дека еден од следните нивни чекори ќе биде прогласување на трговскиот центар за културно наследство.