Социјалната и патриотската поезија на македонските преродбеници Кочо Рацин и Константин Миладинов станаа неодминлив декор за да се изрази незадоволство на протестите организирани од средношколците, студентите и други младински здруженија во земјава.
Погледнете дали има среќа во нашите очи. Како да одиме напред кога младите седиме во место? Почувствувале ли тие како е 30 прашања да ви го уништат целиот труд вложен во тие девет месеци во целата учебна година?Дајте ни квалитет, не квантитет.Лејла Фетовска, средношколка.
Најносталгичната песна на Миладинов , „Т’га за југ“ во видоизменет текст ја рецитираа средношколците на маршот во Битола.
„Орелски крилја как да си метнех и во други гржави да си полетнех, на други места ја да си идам да видам борба, слуга да не бидам. Да видам дали и таму со екстерно ги мачат или математика за матура им качат. Не, ние не можеме овде да седиме, ние не можеме страмој да гледаме. Дајте ни крилја да си летнеме и во поквалитетено образование да си долетаме. На нашите стари места да си идеме, таму посреќни ќе бидеме“, преку копнежот на Миладинов кон родниот крај, средношколците го изразија копнежот за поквалитетно образование.
„Да се укине овој модел на државна матура, да се врати стариот модел, да се укине екстерното тестирање. Ние не го бојкотираме училиштето, ја бојкотираме наставата“, вели средношколецот Димитар Кентровски.
„Погледнете дали има среќа во нашите очи. Како да одиме напред кога младите седиме во место? Почувствувале ли тие како е 30 прашања да ви го уништат целиот труд вложен во тие девет месеци во целата учебна година?Дајте ни квалитет, не квантитет“, изјави средношколката Лејла Фетовска.
За време на студентските протести студентката Ангелина Божиновска од Факултетот за музичка уметноста ја испеа песната „Денови“ на Рацин, за која музиката ја создаде нејзиниот татко. „Денови“ беше рецитирана на протестите на здружението АМАН против поскапувањето на цената на струјата пред две години во Битола.
„Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале.
Денови - ли се денови
Аргатски маки големи!“
Битолската интелигенција смета дека младите стануваат посвесни за состојбите во општеството.
„Тоа е своевиден феномен зашто долго време младите беа поплавени со турбофолк и го прифаќаа тој суб културен начин на живеење, односно површноста на живеењето. Појавувањето на македонските поети, оние кои го определуваат нашиот идентитет во светот, не е само интересна ситуација, туку многу длабока и сериозна за иднината на земјата зашто младите ги прифаќаат вистинските корени и дијалози не само со минатото туку и со иднината“, вели Владо Ѓорески,уметник и аналитичар од Битола.