На парада во Москва или во западен бојкот?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Студена војна 2.0

Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов се уште не соопштува дали тој ќе присуствува на девоттомајската парада во Москва. Клучните западните лидери го откажаа присуството.

Од кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов велат дека сè уште немаат информација за агендата, односно дали тој ќе присуствува на деветтомајската парада во Русија за одбележување на 70-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна. Западноевропските лидери го откажаа своето присуство поради однесувањето на Русија кон Украина.

Со оглед на поведението на Русија кон соседната Украина, со оглед на внатрешните недемократски процеси во земјата и кончено со оглед на фактот што сојузниците, нашите идни сојузници во НАТО и во ЕУ немаат намера да присуствуваат на парадата која традиционално се одржува во Москва, мислам дека би требало да им се придружиме и Македонија оваа година поинаку да го обележи тој празник, но не и со учество на парадата во Москва.
Денко Малески, универзитетски професор.

Аналитичарите велат дека Македонија треба да ги следи стапките на европските партнери и оваа година треба да не присуствува на парадата во Москва. Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека Македонија е земја кандидат за членство во Европската унија и НАТО и со тоа, покрај правата кои ги добива во однос на прашањето за безбедноста, дополнително има и обврски кои треба да ги почитува.

„Со оглед на поведението на Русија кон соседната Украина, со оглед на внатрешните недемократски процеси во земјата и кончено со оглед на фактот што сојузниците, нашите идни сојузници во НАТО и во ЕУ немаат намера да присуствуваат на парадата која традиционално се одржува во Москва, мислам дека би требало да им се придружиме и Македонија оваа година поинаку да го обележи тој празник, но не и со учество на парадата во Москва“, вели тој.

Никој нема нешто особено да се потресе поради присуството или неприсуството на Македонија. Во интерес на Македонија е да им покаже на идните партнери дека е солиден партнер.
Денко Малески, универзитетски професор.

Малески вели дека со оглед на актуелната политика, земјава праќа мешани сигнали во надворешната политика и потребно е сето тоа да се демантира.

„Да се направи со овој став дека ние сме со нашите сојузници и дека ние не ја поддржуваме руската интервенција во Украина, меѓу останатото мислејќи и на сопствените национални интереси како држава која може да биде подложна на евентуална агресија“, вели Малески.

Тој објаснува дека пораката што ќе ја испрати претседателот Иванов со присуството или неприсуството на руската парада нема да остави големи последици врз односите со Европската унија и НАТО.

„Никој нема нешто особено да се потресе поради присуството или неприсуството на Македонија. Во интерес на Македонија е да им покаже на идните партнери дека е солиден партнер. Значи, ништо страшно нема да се случи, се разбира, но тоа само ќе даде потврда дека ние немаме идеи како кон членство во ЕУ или кон членство во НАТО, а ќе отворат разговори за некаква проруска македонска ориентација која, според мене, е неизводлива практично како некоја трајна политичка ориентација“, вели Малески.

Францускиот претседател Франсоа Оланд и британскиот премиер Дејвид Камерон ставиле до знаење дека нема да дојдат на церемонијата, а нема да присуствува ниту американскиот претседател Барак Обама, бидејќи Белата куќа навела дека тој во мај не планира никакво патување во Русија. Германската канцеларка Ангела Меркел исто така ја одбила поканата, но дипломатски навела дека ќе дојде во Москва еден ден подоцна, за да положи цвеќе. Полска, пак, сама ќе организира своја прослава. Од вкупно 68 поканети светски лидери, 26 досега потврдиле дека ќе присуствуваат на парадата.