Грција со нов список реформи

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Грција со нов список реформи

Грција испрати ажуриран список на реформи до кредиторите во надеж дека тоа ќе ги задоволи нивните барања со цел деблокирање на финансиската помош неопходна да се избегне банкрот на земјата.

Грција е на неколку недели пред да остане без пари, а кредиторите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд ги замрзнаа исплатите за финансиска поддршка се додека левичарската влада не почне да ги спроведува неопходните реформи.

Новинските агенции јавуваат дека во новиот список од 26 страници се наведувало дека грчките финансиски потреби изнесувале 19 милијарди евра.

За таа цел владата ветува намалување на корупцијата, зголемување на даноците за луксузни производи и поединечно преиспитување на продажбата на имотите.

Исто така се предлага повторно воведување на дополнителни приходи за најсиромашните пензионери, како и постепено покачување на минималната плата.

Списокот реформи предложен од Атина вклучува давање под закуп на 14 регионални аеродроми, тендер што го доби германската фирма Фрапорт која оперира со аеродромот во Франкфурт.

Официјална Атина минатата недела презентира список на реформи за да покаже дека е посветена на своите обврски и оти ги исполнува ветувањата за финансиска дисциплина, но тој од странските кредитори беше оценет како збир на идеи.

Во средата, грчкиот министер за економија Јорго Статакис изрази надеж дека во текот на идната недела ќе биде постигнат договор со кредиторите околу пакетот реформи со цел да се одмрзне финансиската помош за Грција.

Исплатата од околу 430 милиони евра за Меѓународниот монетарен фонд до 9 април ќе биде новиот тест за Грција која веќе прибегнува кон спроведување на последните мерки што и преостануваат како позајмување од државните субјекти.

Владини претставници изјавија дека Атина ќе ја исплати ратата и ги отфрлија изјавите на министерот за внатрешни работи Никос Вуцис кој рече дека доколку странските кредитори не и дадат пари на Атина до 9 април, владата најпрвин ќе подели плати и пензии, а дури потоа ќе размислува за враќање на долговите. ​

Списокот реформи предложен од Атина вклучува давање под закуп на 14 регионални аеродроми, тендер што го доби германската фирма Фрапорт која оперира со аеродромот во Франкфурт.

Атина најави дека ќе бара извесни измени и подобрувања на некои услови, но оти нема да се откаже од договорот со Германците.

Во списокот исто така е предвидена продажба на најголемото грчко пристаниште Пиреја и покрај тоа што има извесни недоразбирања во рамките на кабинетот на премиерот Алексис Ципрас во врска со ова прашање.

Министерот за економија Јорго Статакис изјави дека владата нема намера да ги продаде сите нејзини 67 насто од акциите во ова пристаниште, туку ќе бара инвеститори за заедничко вложување.

Тоа е во спротивност со претходните изјави на заменик премиерот Јанис Драгасакис кој за време на посетата на Кина во минатата недела рече дека пристаништето Пиреја ќе биде продадено.

Инаку, вчера во Атина илјадници пензионери одржаа протестен марш барајќи од владата да не се откажува од нејзините предизборни ветувања.