Господине Петковски, вие бевте претседател на собраниската комисија за надзор врз следењето на комуникациите. Од вашето искуство, колку може да се зборува за некаква контрола во Македонија на она што го работат службите?
Ако имате предвид дека за парламентарна контрола може да се говори само во услови на парламентарна демократија, тешко може во Македонија да се говори за некаква парламентарна контрола и врз извршната власт, но и во делот што се однесува на службите за безбедност. Вториот услов за да постои парламентарна контрола и постоењето на политичка волја кај оние што се на власт. Во Македонија ниту постои парламентарна контрола, нити постои добра волја кај политичката партија што е на власт и затоа мислам дека таа е атрофирана, сите овие години наназад.
Колку законски комисијата има можности да ја спроведува таа контрола или проблемот не е во законот, туку во нешто друго?
Од формално-правен-аспект сè е направено како што треба. Нашиот устав предвидува поделба на власта на законодавна, извршна и судска, има низа закони кои во сите сфери на животот гарантираат висок степен на демократија, но во услови на непостоење на власта, кога имате една единствена власт, односно извршната, која раководи со сите останати делови, тогаш не може да се говори објективно за постоењето можности за политичка контрола. Значи, ние имаме закон којшто му дава право на Собранието, преку своето тело, да врши контрола врз разузнавачките служби на сите видови комуникации. Таа комисија, со години, дали се состанува неколку пати или не, во зависност дали има добра волја кај политичките партии што се на власт. Како што знаете, сега таа комисија во Собранието не е ниту конституирана.
Комисијата е единствено тело коешто може да врши контрола?
Да, тоа е единствено тело со закон за следење на комуникациите. Има и друг закон за електронски комуникации во којшто е поместена една одредба којашто се однесува на следењето на комуникациите, но тоа е спротивно на законот и на Уставот, бидејќи законот за следење на комуникациите се носи со двотретинско мнозинство, додека законот за електронски комуникации се носи со просто мнозинство и тие на мала врата практично си земаа некои ингеренции за да ги покријат трагите на ова што и денес се случува со објавувањето на овие разговори, така што Собранието како законодавен дом само преку Комисијата за следење на комуникациите може да врши контрола на комуникациите.