Книгата „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ од Сеида Бегановиќ се издвојува од останатите првенствено со својата свежина, необичност, оригиналност и луцидност. Почнувајќи од самиот, интригантно срочен наслов (понекогаш, самите наслови индицираат за каков авторски формат и профил станува збор) – оваа книга на читателот му нуди првокласно уживање, не само во поетската реч, туку и во провокативните мисловни поенти и остроумни, афористични искази.
Сето тоа директно кореспондира со содржината на книгата и мислам дека не беше во прашање некоја свесна провокација. Дури сметам дека насловот е бениген.Сеида Бегановиќ, поетеса.
Таа е проткаена, или, подобро, „тетовирана“ од потресните искуства и доживувања на (не)вдоменоста, изместеноста, дислокацијата – кои опстојуваат во поезијата и прозата на Бегановиќ, како нејзина препознатлива, егзистенцијална и етичка сигнатура. Во нејзиното поетско писмо има место за сентенциозни филозофски констатации, растреперена и страсна сензибилност, сублимен суфизам, но и остро прониклив хумор, самоиронична ведрина и игривост, што не им дозволува на овие песни да се „вкочанат“ во патетика, баналност или клишираност.
Јас сум некако културолошки анационална. Длабоко антрополошки, длабоко човечки и длабоко поетски ме интересираат моите корени. Се бавев со нив кога никој тоа не го правеше. Ги истражував традицијата, богомилството, со нивните супстрати кои се многу послоевити отколку што се идеолошки прикажани при презентацијата на нашата цивилизација.Сеида Бегановиќ, поетеса.
Со овие одбрани зборови професор д-р Елизабета Шелева ќе ја проследи појавата на „За жените кои немаат куќа и три обични дена“, поетската збирка на Сеида Бегановиќ, зад која стои книгоиздателството „Израз“ и чија промоција е закажана за понеделник, 23 март, во 20 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.
Во неа се поместени 44 песни, а делото е конципирано како еден вид автобиографски запис во кој поетскиот субјект искрено говори за сопственото искуство – творечко, мигрантско, секојдневно.
Бегановиќ вели дека ова бил најпрецизниот наслов кога е во прашање темата на книгата и дека тој сам се наметнал. Едноставно го позајмила од една своја песна сакајќи да ги постави глобалните прашања: Чија е куќата – на Пенелопа или на Одисеј? Кога ќе заминат жените каде се враќаат? Кому му припаѓа куќата? Што е куќата воопшто како поим?
„Сето тоа директно кореспондира со содржината на книгата и мислам дека не беше во прашање некоја свесна провокација. Дури сметам дека насловот е бениген“, потенцира поетесата.
Таа дополнува дека сите ние на Балканот, во некоја филозофска смисла, станавме номади и културолошки сирачиња. Појаснува дека всушност одамна никој не се занимава со материјалната позиција на куќата и дека, во однос на поезијата, куќата е легло, засолниште, едноставно метафизички поим. Дополнува дека куќата, домот, не ги поистоветува со татковина, бидејќи тој поим сега е врзан со националното, нацијата.
„Јас сум некако културолошки анационална. Длабоко антрополошки, длабоко човечки и длабоко поетски ме интересираат моите корени. Се бавев со нив кога никој тоа не го правеше. Ги истражував традицијата, богомилството, со нивните супстрати кои се многу послоевити отколку што се идеолошки прикажани при презентацијата на нашата цивилизација. Мене ме бележат како „дводомен автор“. Што значи тоа да си „дводомен автор“? Значи да те прифаќаат двете култури, арно ама се прашувам кога ќе заврши мојот живот каде тоа јас материјално ќе припаднам. Тоа навистина не ми е јасно. Духовно – да. Мојата духовна татковина се сите татковини што ќе ги одберам. Но, свесна сум дека ние се повеќе стануваме и анационални, бездомни и постојано ја менуваме позицијата која што биолошки ни е зацртана“, вели таа.
Бегановиќ за својата актуелна поетска објава „За жените кои немаат куќа и три обични дена“, во февруари годинава, ја доби наградата „Книжевен мост“ за најуспешно издание на јазиците на националностите во Република Македонија што ја доделува Друштвото на писателите. Со тоа, како што знае шеговито да забележи, „и е одземен адутот да се декларира како културолошко сираче“ и дека „тоа бил чин на нејзина инаугурација во ова општество на социјален план“.
„Мене ми е многу подраго сознанието дека овде имам читатели кои на еден ангажиран, емоционален, социјален начин ја прифаќаат мојата поезија. Тие се идентификуваат со мене. Стануваат мои пријатели. Буквално ми приоѓаат на улица. Лорка рекол дека она најмногу што може да посака еден автор е да има седум свои читатели. Јас си ги имам своите седум верни читатели и за нив се чувствувам одговорна“, вели Бегановиќ.
Поетесата дополнува дека не љуби многу промоции, но дека овој пат морала да попушти пред инсистирањето на своите пријатели и дека својата актуелна стихозбирка ќе ја претстави со една неформална средба каде ќе има поезија, муабети и искрена потреба од дружба. Во целата приказна покрај Шелева, ќе бидат вклучени и Владимир Мартиновски и Ѓоко Здравески, а ќе биде емитувана и оригинална музика инспирирана од стиховите на Бегановиќ.
„Не би сакала сето тоа да биде долго, развлечено и патетично. Акцентот треба да биде ставен на публиката. Јас лично многу ја почитувам публиката и сите околу себе ги учам на тоа“, вели Бегановиќ.
Родена 1961 година во Зеница, Босна и Херцеговина, Сеида Бегановиќ завршила студии по филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Сараево. Живее и работи во Скопје како слободен уметник. Објавувала поезија и проза, а работела како новинар, драматург и преведувач од македонски, полски, руски и англиски јазик. Има објавено повеќе книги меѓу кои: „Индекс на изговори“ (поезија , 2004), „Отресување на пепелта“ (поезија , 2006), „Интервју со сината куќа“ (роман, 2007), „Граничници“ (поезија , 2009) и „Албум на совршени мигови“ (роман, 2010).