Три сценарија за Русија по Путин

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Три сценарија за Русија по Путин

Деновиве светската јавност беше окупирана од мистериозното отсуство на рускиот претседател Владимир Путин. Со право, со оглед на тоа што сукцесијата секогаш претставува голема, а често и опасна криза за повеќето авторитарни режими во кои централна улога има една личност.

Во изминатава деценија ипол Владимир Путин е на врвот на затворен, хиерархиски базиран систем кој не дозволува конкуренција.

Сега конфликтот меѓу клановите сериозно се интензивира. Очигледно е дека разни групи влечат на различни страни.
Раф Шакиров, аналитичар.

Како резултат на тоа анкетите во Русија рутински покажуваат дека јавноста не гледа алтернатива на лидерството на Путин.

Па што би се случило доколку Путин без најави и предупредувања замине од политичката сцена?

​Во изминативе денови се виде дека и гласините за нешто такво можат да предизвикаат страхувања во Русија и низ светот.

Зборувам за луѓе кои имаат вкусено беззаконие, кои уште сега мислат дека имаат право да ги кршат законите, да убиваат.
Марат Гелман, аналитичар.

Дали ако Путин е гарант на стабилноста на Русија, тогаш сценариото без него автоматски имплицира нестабилност?

Првото сценарио е она уставното.

Русија има Устав и според него, ако претседателот не може да ја врши функцијата, тоа ќе го прави премиерот, а нови претседателски избори треба да се одржат во рок од три месеци.

Вршителот на должноста претседател нема право да ја распушти Думата или да го менува Уставот.

Второто сценарио е консензуално.

Во советско време политичките борби најчесто се водеа зад сцената се додека не бил најден наследникот преку своевидна комунистичка алхемија.

Кога претседателот Борис Елцин реши да се пензионира, политичките инсајдери постигнаа консензус на негово место да дојде Владимир Путин.

Потоа, тие искористија комбинација на финансиски, административни и медиумски извори за да го остварат тоа.

Третото е таканаречено конфликтно сценарио.

Тоа би можело да стане реалност доколку не биде постигнат консензус.

Под Путин политичкиот систем стана многу персонализиран и поцентрализиран околу претседателот кој балансира меѓу конфликтните страни.

​Токму поделбите во внатрешниот круг на Путин отсекогаш биле латентни, но, според некои наводи, се интензивирале по убиството на лидерот на опозицијата Борис Немцов на 27 февруари годинава.

„Сега конфликтот меѓу клановите сериозно се интензивира. Очигледно е дека разни групи влечат на различни страни“, вели аналитичарот Раф Шакиров, наведувајќи дека главно се работи за јастребите и либералите не само во однос на кризата во Украина.

Според него, јастребите сфаќаат дека секоја нормализација за нив би значела не само крај на светот, туку и губење на позициите.

„Тие не можат да ризикуваат губење на скоро неограничената моќ што ја имаат досега“, наведува Шакиров.

Со него се согласува и аналитичарот Марат Гелман кој вели:

„Зборувам за луѓе кои имаат вкусено беззаконие, кои уште сега мислат дека имаат право да ги кршат законите, да убиваат“, вели Гелман.