Невработените кумановци бараат каква било работа

Во Куманово официјално има околу 20 илјади невработени, но заедно со избришаните од евиденција има скоро 30 илјади.

Во најголемата локална заедница во државава, Куманово, бројот на невработените лица официјално е околу 20 илјади, но фактичката бројка пред воведувањето на новите мерки на Агенцијата за вработување со која по разни основи се бришени од евиденцијата е за околу десет илјади поголема.

Мора да почнеме нешто сами, инаку на друго место не можеме да се вработиме. Работев приватно, не ми плаќаат, во години сум кога тешко некој ќе ме вработи. Затоа со браќата ќе се свртиме кон земјоделието и сточарството. Имаме нешто ниви, куќа на село.
Трајче Петровски, невработен.

Работа бараат млади и високообразовани кадри, но и оние кои по колапсот на сите фабрики останале без работа. Дел од нив и без никаков статус. Не мал број се и средовечни, со сè уште неисполнети услови за пензија, а со оглед на возраста се непожелни и за нови вработувања. За да обезбедат каква било егзистенција, тие ги следат сите нови мерки на Агенцијата за вработување за да започнат некаков субвенциониран бизнис.

Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување.

„Мора да почнеме нешто сами, инаку на друго место не можеме да се вработиме. Работев приватно, не ми плаќаат, во години сум кога тешко некој ќе ме вработи. Затоа со браќата ќе се свртиме кон земјоделието и сточарството. Имаме нешто ниви, куќа на село“, вели Трајче Петровски, кој 20 години работел во ГП „Маврово“, а една деценија е без работа.

Во непосредна близина на Куманово, во Ранковце, ќе се отвори фабрика во која ќе се вработат околу пет илјади лица. Најголем број работници ќе бидат од Куманово.
Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Тој сака да ги искористи субвенциите и да се врати во кумановското село Зубовце.

„На село има шанса семејството да живее, за повеќе тешко“, вели тој.

Љубица Кузмановска има 59 години. Досега живеела од земјоделие и затоа е и заинтересирана за каква било работа, оти не може да егзистира. Не може ниту сметките да ги плати, ниту, пак, лекови да купи.

„Многу години сум невработена, без пензија, без социјална помош, заинтересирана сум за некакво вработување“, вели таа.

Во Куманово, по распадот на фирмите како што се Мелничко-пекарската „Житомел“, Тутунскиот комбинат и уште некои со нерегулиран статус, поранешните вработени се евидентирани како вработени, па тие немаат ниту пари, ниту работа, а не се на листата на невработените. Тие бараат помош од Агенцијата за вработување.

„Дваесет години не работиме. На улица сме. Никаков статус. Сè водам како вработен, а немам ништо, каде и да поднесам документи ми викаат дека сум вработен. Немам ни здравствени картони“, вели Драги Петрушевски, кој работел уште од 1970-та година, му требаатуште три години до пензија, а една деценија е без никакви примања.

Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување, вели дека сака да ги слушне невработените заинтересирани за мерките и акциите за вработување. Досега во Куманово нема можности за голема бројка на вработувања, за што Поповски најавува дека за неколку месеци до една година ќе има таква можност.

„Во непосредна близина на Куманово, во Ранковце, ќе се отвори фабрика во која ќе се вработат околу пет илјади лица. Најголем број работници ќе бидат од Куманово“, вели тој.

Колкумина во таа фабрика во изградба ќе најдат работа и ќе обезбедат егзистенција сè уште е непознаница. Како и да е, таа фабрика не е во Куманово, туку во соседна општина, што дополнително ја усложнува состојбата на невработените. А не е ниту првпат, како што велат невработените, во соседна општина да се отвори фирма, тие да патуваат со непокриени патни трошоци, за мала заработувачка и за кусо време.