Весниците го анализираат прислушувањето

Четвртата бомба на Заев, пресот на Груевски за прислушувањето, студентската борба за нов закон, оставките на првите луѓе на ФЗОМ, дел од темите за кои пишуваа медиумите.

Веројатно сите веќе слушнавте: „Четврта бомба на Заев - прислушувани над 100 новинари“, како што насловува Утрински и дополнува дека презентираните шест телефонски разговори ја разобличуваат спрегата меѓу премиерот, УБК и медиумите.

Ова е надвор од капацитетот на Заев, Македонија е таргет на странски служби помогнати од ексразузнавачи.
Вечер.

Дневник во насловот се прашува: „Мијалков си го прислушувал својот разговор со Јанкулоска?“, а Слободен печат наведува дека „Најприслушуван бил Никола Младенов“.

Вечер, пак, во наслов го објавува тврдењето дека „Документите со кои манипулираше Заев се лага, не се документи од УБК“. Вечер, од изјавата на премиерот на прес конференцијата, одржана веднаш по онаа на СДСМ и на Заев, го цитира Груевски: „Ова е надвор од капацитетот на Заев, Македонија е таргет на странски служби помогнати од ексразузнавачи“.

Може ли кризата да изроди поенергични алтернативи? Политичката борба што сега ја водат двете главни партии во Македонија е на сè или ништо. Политичките аналитичари ги издвојуваат примерите од повеќе држави во регионот каде што веќе се појавија нови сили што ги разбија биполарните системи.
Нова Македонија.

Дневник од пресот на Груевски го цитира делот каде што премиерот бара враќање на опозицијата во Собранието како излез од политичката криза.

И Утрински го цитира Груевски дека „Вмешани се странски служби“, како и соопштението од владејачката партија дека: „Заев продолжува со сценариото за нестабилност во Македонија“.

Нова Македонија анализира: „Може ли кризата да изроди поенергични алтернативи? Политичката борба што сега ја водат двете главни партии во Македонија е на сè или ништо. Политичките аналитичари ги издвојуваат примерите од повеќе држави во регионот каде што веќе се појавија нови сили што ги разбија биполарните системи“, пишува весникот.

Дали германскиот печат посредно ги пренесува ставовите на Кабинетот на Меркел? Берлингер цајтунг пишува дека премиерот Груевски „ги отфрли сите задршки во односот со опозиционерите... а во Македонија им се приоѓа на работите слично како во Белорусија и во Египет“.

Студентите како да ја добија битката: „Бојкотот прекинат, студентите се враќаат на настава“, објави Утрински, а Вечер наслови: „Ќе се подготвува нов закон за високо образование“.

Сите весници објавија за оставките на првите двајца раководители на Фондот за здравство, Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази, како одговор на притисокот на јавноста поради пропустите што доведоа до смрт на Тамара, како и за мирниот протест на неколку стотина граѓани низ Скопје, кои побараа одговорност и оставки на надлежните, всушност на првиот човек на министерството за здравство, Тодоров.