Западните земји одбиваат да се откажат од мировниот договор што со посредство на германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд беше постигнат минатата недела во белорускиот главен град Минск.
Ова и покрај најновите гранатирања во Доњецк, град кој е под контрола на проруските бунтовници кои пак бомбардирале позиции на украинската војска во близина на Мариупол.
Киев смета дека овој пристаништен град би можело наскоро да биде цел на голема офанзива на проруските бунтовници.
До ова дојде откако деновиве владините сили се повлекоа од стратегиски важниот град Дебалцеве.
Она што го гледаме на истокот е тоа дека Русија создаде импресивна армија, добро вооружена која може со артилериски оган и воздушни напади да ја контролира ситуацијата. Тие имаат капацитет, но ние не ги знаеме нивните намери, односно дали се можни натамошни напади.Генерал Филип Бридлав.
„Искрено сме загрижени за продолжувањето на борбите и покрај постигнатото примирје. Сакаме страните да ги прекинат нивните активности, но не можеме да знаеме што имаат на ум руските сили во источна Украина“, изјави американскиот генерал Филип Бридлав.
Западните земји сметаат дека Русија стои зад напредувањето на бунтовниците со тоа што им испратила засилување во војници и оружје. Москва тоа постојано го демантира.
„Она што го гледаме на истокот е тоа дека Русија создаде импресивна армија, добро вооружена која може со артилериски оган и воздушни напади да ја контролира ситуацијата. Тие имаат капацитет, но ние не ги знаеме нивните намери, односно дали се можни натамошни напади“, изјави генерал Бридлав.
Стотици војници во средата се повлекоа од Дебалцеве во еден од најголемите порази што го претрпе Киев во десет месечниот конфликт во кој загинаа над пет ипол илјади луѓе.
Некои европски и американски официјални претставници се надеваат дека откако Дебалцеве падна во рацете на проруските бунтовници сега би можело да се одржи примирјето во областите, што рускиот претседател Владимир Путин, веќе ги нарекува „Нова Русија“.
Имено, веднаш по договорот во Минск бунтовниците соопштија дека прекинот на огнот не се однесувал на Дебалцеве. Сепак кај некои западни лидери постои длабока недоверба.
Меѓу нив е и германскиот канцелар Ангела Меркел која договорот од Минск го оцени како „трошка надеж за постигнување мир“.
Портпаролот на Стејт департментот Џен Псаки, пак, изјави дека прекинот на огнот не е некаков список за купување и оти оние што го потпишале мора и да го почитуваат. Таа предупреди дека во спротивно Русија ќе се соочи со натамошна изолација.
Во меѓувреме Москва го отфрли повикот на Киев за мировни сили на Обединетите нации во источна Украина. Според Кремљ, основа за мир треба да е договорот од Минск, а не мировници.