Достапни линкови

Путин го повика Киев да го предаде Дебалцеве


Путин го повика Киев да го предаде Дебалцеве
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Путин го повика Киев да го предаде Дебалцеве

Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да им дозволи на украинските сили кои се опколени од проруските бунтовници во Дебалцеве да го положат оружјето. Според денешните информации украинската војска го напуштала овој град во источна Украина. Бунтовниците велат дека имало и заробени.

За време на посетата на Будимпешта, Путин изјави дека конфликтот не може да биде решен со воени средства при што ги повика и проруските сепаратисти да им дозволат на украинските сили безбедно да го напуштат градот.

Според него, и покрај примирјето можело да се предвиди продолжување на битката околу стратегиски важниот железнички јазол Дебалцеве, но како што рече, по договорот во Минск сега имало помалку борби.

Тој изрази уверување дека повеќето украински војници немале желба да се борат.

„Најголемото мнозинство украински војници, уверен сум во тоа, немаат желба на каков било начин да учествуваат во братоубиствената војна, посебно не толку далеку од нивните домови. Од друга страна само организираните бранители на Донбас се многу мотивирани да ги заштитат нивните семејства“, рече Путин.

Претходно, сепаратистите соопштија дека примирјето не се однесувало на Дебалцеве. Портпаролот на украинската армија потврди дека неколку единици биле опколени и оти бунтовниците барале предавање на нивното оружје пред да ги пуштат од градот.

Најголемото мнозинство украински војници, уверен сум во тоа, немаат желба на каков било начин да учествуваат во братоубиствената војна, посебно не толку далеку од нивните домови. Од друга страна само организираните бранители на Донбас се многу мотивирани да ги заштитат нивните семејства.
Владимир Путин, претседател на Русија

Украинскиот претседател Петро Порошенко во телефонски разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел оценил дека нападот врз Дебалцеве е цинично кршење на примирјето и побара поостар меѓународен одговор. Порошенко разговарал и со американскиот потпретседател Џо Бајден.

Киев и Западот ја обвинуваат Русија за испраќање сили во Украина и за директна вмешаност во конфликтот. Москва тоа постојано го отфрла.

Путин во Будимпешта пак сугерираше, без да наведе конкретна земја, дека Западот веќе ги снабдувал украинските владини сили со оружје, но оти на крајот резултатот ќе бил како сегашниот. „Тоа е неизбежно“, рече Путин.

Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации едногласно усвои резолуција со која од двете страни се бара итен прекин на непријателствата и почитување на примирјето. Оваа резолуција беше предложена од Британија.

На одвоена јавна седница, Советот за безбедност едногласно ја усвои и резолуцијата предложена од Русија во која исто така двете страни се повикуваат да го почитуваат прекинот на огнот.

Во дискусијата американската амбасадорка во Обединетите нации Саманта Пауер оцени дека рускиот предлог бил ироничен со оглед на тоа што Москва ги поддржува нападите во источна Украина.

Обединетите нации во вторникот соопштија дека во досегашните борби во Украина загинале над 5 илјади и 600 луѓе, додека над милион биле расселени.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG