По вчерашното презентирање на петте телефонски разговори од кои, како што рече претседателот на СДСМ Зоран Заев, се покажува како власта целосно се меша во правосудниот систем, инволвираните во него велат дека речиси никој нема доверба во правосудството.
Неколку луѓе може да издејствуваат одлука каква што сакаат и издејствуваат. Јас лично знам барем неколку стотици одлуки коишто се издејствувани од нивна страна на начин како што сакаат.Александар Тортевски, адвокат.
Со ова само се потврди фактот дека веќе неколку години тој систем и не постои, вели адвокатот со долгогодишна кариера Александар Тортевски.
„Неколку луѓе може да издејствуваат одлука каква што сакаат и издејствуваат. Јас лично знам барем неколку стотици одлуки коишто се издејствувани од нивна страна на начин како што сакаат“, вели Тортевски, кој додава дека секогаш и секаде властите се обидуваат да го контролираат правосудство, но дека успешноста на нивните намери зависи од дигнитетот и самодовербата на судиите.
Но, ако изборот или напредокот на судиите зависи од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, вели Тортевски, потсетувајќи на вчерашните аудио снимки, подоцна власта го има монополот над нив.
За кратко време од судија во основен суд ќе стане судија во Врховниот суд, практично нема време да созрее, да не зборувам и за други институции.Јован Трпеновски, поранешeн јавен обвинител.
„Обичните граѓани имаат по еден предмет и тој предмет им е најголемиот проблем во животот. Јас во последните десетина година имам барем стотици предмети и не ми се оди во суд, едноставно не се чувствувам дека нешто можам да ѝ помогнам на странката, поради тоа што чувствувам дека по други канали се носат одлуките, дека адвокатурата стана само непотребен декор, нужно зло во постапката“, вели Тортевски.
И поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека одамна е изгубена довербата во независноста на судството и јавното обвинителство. Ако се направи преглед на некои одлуки и пресуди што се носат, тие изгледаат нелогично ако се знаат и објективните докази, нагласува Трпеновски. Тој вели дека имаа и судии кои чесно си ја вршат работата, но слично како и Тортевски, смета дека најкомпетентните не доаѓаат до позиции.
„За кратко време од судија во основен суд ќе стане судија во Врховниот суд, практично нема време да созрее, да не зборувам и за други институции. Сево ова кога човек ќе го разгледа, кога ќе направи сопствена анализа, точно ќе дојде до заклучок дека во судството веќе немаме веќе објективност, дека судството е под една пресија на извршната власт. Оние што навистина се професионалци и заслужуваат, а не се партиски определени тешко доаѓаат во унапредување во правосудната хиерархија“, вели Трпеновски.
Инаку, судството во секој годишен извештај за напредокот на Македонија од Европската комисија трпи критики. Во оцената на прогресот лани бриселските дипломати меѓу другото наведоа дека „и понатаму се покренуваат прашања, внатре и надвор од земјата, за можното политичко влијание врз одредени судски постапки. Иако судската структура е формално независна од надворешни влијанија на парламентарната и извршната власт, поединечните судии, исто така, мора да постапуваат независно од каква било форма на притисок, инаку довербата на јавноста ќе биде изгубена и владеењето на правото доведено во прашање“, пишува во извештајот.