Захит Бујукишлеен, Алајбеј Карогл, Ајдин Ара и Зухал Арда од Турција и Трајче Блажевски, Никола Смилков, Валентина Стефановска и Фехим Хусковиќ од Република Македонија се уметниците чии дела ќе бидат претставени на третата Меѓународна балканска изложба „Мост“, што од 17 до 28 февруари, ќе се одржи во галериите на Културно информативниот центар во Скопје.
Генерациските разлики, различните ликовни дискурси и различните стиски определби не претставуваат пречка во планираната концепција на заеднички настап, туку напротив, понудената разноликост е главниот квалитет на изложбата.Џемил Бектовиќ, историчар на уметност.
Организатор на изложбата е Бошњачката културна заедница и таа, во основа, првенствено е замислена како компаративен приказ на уметничките импулси во обете земји.
Од таму, во каталогот за ова културно случување историчарот на уметност проф. д- р. Џемил Бектовиќ пишува дека важна одредница во оваа изложбена поставка е презентирањето на академските тенденции во двете држави кое е прикажано низ творештвото на шест сликари и двајца вајари, воедно универзитетски професори од различни ликовни академии и активни партиципиенти на јавната ликовна сцена. Целта е, како што вели тој, да се прикажат различните контексти во креирањето на уметничките нарации, и општествено-културолошките услови кои директно влијаат врз уметничката продукција, како би се добил увид во структурата и карактерот на двете различни школи и традиции.
Сето тоа на некој начин дава можност уметниците од Македонија да ги отворат портите на нивните галерии во поголемите центри. Значи од Истанбул, Анкара, Бурса, Измир и другите градови. Значи, во основа, Меѓународната балканска изложба „Мост“ генерално има една единствена цел – зближување на двете култури, двата народа, двете држави.Фехим Хусковиќ, организатор на Меѓународната балканска изложба „Мост“.
Тој потсетува дека сите овие автори имаат нишка во заедничката петвековна историја и дека Македонија и Турција долго време имале или припаѓале на една културолошка матрица, но исто така е неопходно да се нагласи дека во доменот на модерната секоја држава имала свој автономен развој и развива автентичен и специфичен опус во подоцнежните развојни фази и етапи. Затоа потенцира дека оваа изложба претставува ретка можност за компарација на идеи и меѓукултурна размена со цел да се надминат пристрасните и едностраните согледувања во толкувањето на историјата на овие балкански простори.
„Генерациските разлики, различните ликовни дискурси и различните стиски определби не претставуваат пречка во планираната концепција на заеднички настап, туку напротив, понудената разноликост е главниот квалитет на изложбата. Сепак, заедничкиот именител на сите авторски дела, кои се обединети во една точка, точка што претставува спој на желбите и остварувањата, е визибилниот стремеж на уметникот и љубовта кон уметноста“, вели Бектовиќ.
Проф. Д-р Фехим Хусковиќ, кој е еден од учесниците, идеен творец на серијата претставувања и потписник на организацијата на Меѓународната балканска изложба „Мост“, вели дека желба на уметниците е нормално да се претстават во другите средини. Пред друга публика. Појаснува дека турските творци со радост ги прифаќаат гостувањата во Република Македонија, а од друга страна, пак, домашните автори на овој начин имаат можност својата уметност да ја изнесат од земјава и да ја претстават во галериите и музеите во големите центри на една пријателска држава.
„Сето тоа на некој начин дава можност уметниците од Македонија да ги отворат портите на нивните галерии во поголемите центри. Значи од Истанбул, Анкара, Бурса, Измир и другите градови. Значи, во основа, Меѓународната балканска изложба „Мост“ генерално има една единствена цел – зближување на двете култури, двата народа, двете држави“, потенцира Хусковиќ.
Во тој контекст, по завршувањето на изложбата во Скопје, треба да се случи и возвратната посета на македонските уметници на Турција. Во тек се подготовките за постановката во Истанбул на која е планирано учество да земат по 10 автори од обете земји и која што треба да се одржи на почетокот од април годинава. По градот на двата континента, селекцијата што ја подготвуваат тамошните куратори ќе ја види и ликовната публика во уште неколку галерии во големите центри на земјата, а за наредната година се планира во проектот да бидат вклучени уште неколку држави од регионот.