Ало судија, види вака...

Марко Зврлевски, Јавен обвинител и Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи.

Јавниот обвинител тврди дека нема постапувано по предмет во којшто како пријавено лице се појавува министерот за финансии Зоран Ставрески. Адвокатот Александар Тортевски вели дека со вчерашното обелоденување на снимките се потврдувал фактот дека веќе неколку години правосудниот систем кај нас не постои.

Не би ги коментирал наводите изнесени на прес конференцијата на СДСМ во врска со некаков разговор во кој е спомнато моето име, рече денеска Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јас како јавен обвинител немам постапувано по предмет во кој што како пријавено лице се појавува Министерот за финансии Зоран Ставрески. Јавните обвинители кои постапуваат по предмети по кривични пријави се апсолутно независни, сами ја носат својата одлука и во конкретен предмет на нив не може да се влијае со никаква молба, препорака или укажување.
Марко Зврлевски, Јавeн обвинител.

„Јас како јавен обвинител немам постапувано по предмет во кој што како пријавено лице се појавува Министерот за финансии Зоран Ставрески. Јавните обвинители кои постапуваат по предмети по кривични пријави се апсолутно независни, сами ја носат својата одлука и во конкретен предмет на нив не може да се влијае со никаква молба, препорака или укажување. Од мене никој нема побарано да се отфрли кривична пријава. За сите предмети за кои е отфрлена кривична пријава се известува оштетениот, односно подносителот на пријавата и истиот има право да поведе постапка пред суд или да поднесе жалба до повисокиот обвинител“, рече Звлевски денеска одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата „Процедури за постапување со дете жртва“.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера на прес-конференција презентираше пет телефонски разговори на како што рече високи носители во власта кои според него биле доказ за спрегата релација власт – правосудство. Меѓу нив беше објавена и снимка од телефонски разговор на кој се тврди дека се гласовите на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески во кој таа го споменува името Марко за што Заев рече дека лично Зврлевски по нарачка на Јанкулоска донел јавно обвинителска одлука да–отфрли кривична пријава против Ставрески.

Тие не знаат дека Јанкулоска може да му сврти на Јавниот обвинител и да му рече – Ај заврши ја работата, и тој вика – задачата што ми ја даде, ја завршив!.
Александар Тортевски, адвокат.

„ЖЕНСКИ ГЛАС: Ништо, јас те барав за ова што ти пишав. Значи, јас нели ти реков, му спомнав на Марко со тоа што му реков види вака-така, не директно она „отфрли ја пријавата„ него „види да ја завршиме“ ова-она, ама он знае што значи тоа.

МАШКИ ГЛАС: Аха…

ЖЕНСКИ ГЛАС: Сабајле го побарав и после ми се јави назад и ми кажа, пошто беше на судење и не можеше да збори од таму, и ми кажа: „да знаеш тоа што ми даде задача, завршено е“. Пошто треба и за други работи да се видиме, за Законот за кривична постапка деновиве ќе ти дадам детален извештај, да знаеш се е ок со предметот. Чисто да ти кажам.

МАШКИ ГЛАС: Мх, добро“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески

Инаку Зврлевски денеска нагласи и дека Јавниот обвинител во својата работа секојдневно комуницирал со Министерството за внатрешни работи во рамките на својата надлежност. Според него начинот на спомнувањето на јавното обвинителство, јавниот обвинител на прес конференцијата и начинот на коментирањето биле со цел да се дискредитира јавното обвинителство и да се изврши притисок во врска со постапување по конкретен предмет. Дополнително за случајот видео снимката од разговорот меѓу Заев и Груевски во премиерскиот кабинет, ниту за прислушувањето Зврлевски не сакаше да коментира за да не и наштетел на постапката.

Адвокатот со долгогодишна професионална кариера Александар Тортевски вели дека со вчерашното обелоденување на снимките се потврдувал фактот дека веќе неколку години правосудниот систем кај нас не постои.

„И Европска унија и Америка потрошија страшни пари за едукација, значи не знам колку пати беа во Америка и Јавниот обвинител и јавни обвинители, меѓутоа тие луѓе (донаторите) не можат да претпостават дека овие кога ќе се вратат назад џабе таму ги учеле на семинари, има кажувале како треба да го постават независно судството, тие не знаат дека Јанкулоска може да му сврти на Јавниот обвинител и да му рече – Ај заврши ја работата, и тој вика – задачата што ми ја даде, ја завршив!“, вели Тортевски.

Во три од петте телефонски разговори што вчера ги објави Заев, како што рече, се слуша гласот на Јанкулоска како со нејзиниот колега Ставрески, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и со градоначалникот на Прилеп Маријан Ристески разговара за постапки во обвинителство, судски одлуки, унапредување на судии. Едниот од пуштените разговори нагласи Заев е меѓу директорот на УБК Сашо Мијалков и вицепремиерот за рамковен договор Муса Џафери за кадровски решенија во Врховниот суд. Последниот материјал презентиран вчера беше разговор меѓу новинарот Драган Павловиќ Латас и сопругата на Маневски и судијка во Апелациониот суд Филимена Маневска. Според лидерот на опозицијата, Латас интервенира Апелација да суди во негова полза, а Маневска се нафаќа да помогне.