Две охридски семејства останаа без покрив над глава

Урнатата куќа на семејството Рамадан во Охрид.

Пожар ја пеплоса куќата и целата покуќнина на семејството Мармачоски, а невремето кое го зафати Охрид ја урна трошната куќа на семејството Рамадан.

Две охридски семејства деновиве останаа без своите домови. Пожар ја пеплоса куќата и целата покуќнина на охриѓанецот Диме Мармачоски. Причина за избувнувањето на пожарот била експлозија на телевизорот. Диме раскажува дека огнот почнал да се шири од дневната соба по што ја зафатил и целата куќа. Тој во куќата живеел со својот син кој бил болен и во моментот на несреќата бил на болничко лекување.

Бев до продавница, но кога се вратив и кога ја отворив влезната врата за да влезам во кујната, ме мавна силен пламен.
Диме Мармачоски, жител на Охрид.

„Бев до продавница, но кога се вратив и кога ја отворив влезната врата за да влезам во кујната, ме мавна силен пламен. Не знаев каде сум, дали сум надвор или сум внатре. Комшијата викна бомба мава, јас сè уште бев внатре. Кога повторно викнаа комшиите по мене одеднаш вивна. Не знаевме број од пожарната, се јавив во полиција, а полицијата ми рече оди во пожарна“, вели Диме.

Опожарената куќа на семејството Мармачоски во Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вети помош за Диме, кој привремено најверојатно ќе биде сместен во просториите на месната заедница, сè додека неговиот дом биде реконструиран.

Ние куќата ја напуштивме денски. Од невремето од поројниот дожд и снегот куќата целосно беше срушена во 5 часот наутро. Ние ако бевме дома во тој момент можеше да се случи да загинеме тука.
Неџат Рамадан, жител на Охрид.

„Според она што го договоривме можно да е времено сместен во просториите на месната заедница. Доколку најдеме посоодветно решение, ќе овозможиме да биде сместен. Ќе се грижиме да бидат задоволени сите неопходни минимум стандарди за временото сместување“, рече Бакрачески.

На другата страна од градот, невремето кое го зафати Охрид ја урна трошната куќа на семејството Рамадан. Без покрив над главата останаа самохраниот татко Неџат Рамадан и неговите две деца кои се со пречки во развојот - Омер, кој има 29 години и од својата најрана возраст е во кревет и 20-годишната Рената која има говорна мана.

„Ние куќата ја напуштивме денски. Од невремето од поројниот дожд и снегот куќата целосно беше срушена во 5 часот наутро. Ние ако бевме дома во тој момент можеше да се случи да загинеме тука“, вели таткото Рамадан.

И во овој случај од Општина Охрид рекоа дека тие во рамките на своите можности ќе му помогнат и на ова семејство со парични средства и материјали со цел во што е можно пократок рок да дојдат до покрив над главата.

Бакрачески вели дека оваа локална власт финансиски помогнала за 13 објекти кои биле опожарени во периодот од 2011 до 2014 година.

„Дури 8 биле опожарени пред добивање на нашиот мандат, но за жал обврската да се обесштетат нашите сограѓани не била направена од страна на минатото раководство. За опожарените објекти општина Охрид исплатила 2 милиона 475 илјади и 771 денари“, рече Бакрачески.