Вклучувањето на меѓународната заедница во следење на целиот случај со прислушувањето би значело признание дека државата нема капацитет да ги активира институциите кои би требало да бидат неутрални. Вакво странско мешање би барале протекторати, како на пример Косово или Босна и Херцеговина, а Македонија која е кандидат за членство во ЕУ и НАТО, на тој начин би била понижена, вели професор Нано Ружин. Тој вели дека досега во историјата на меѓународните односи не е забележан случај држава која функционира и ги има сите институции да бара помош од надвор во случаи слични на овој. Македонија во овој случај би можела да добие така наречена дискретна помош од ЕУ.
Помош во еден вид на јакнење на институциите со присуство на, пред се, претставници на ЕУ, би можело да се направи нешто на тој план, бидејќи никој нема доверба, особено од опозицијата, никој нема доверба во денешните институции.Нано Ружин, универзитетски професор.
„Помош во еден вид на јакнење на институциите со присуство на, пред се, претставници на ЕУ, би можело да се направи нешто на тој план, бидејќи никој нема доверба, особено од опозицијата, никој нема доверба во денешните институции, почнувајќи од судовите, од Управниот, Апалациониот, Врховниот, на крај и Уставниот суд. Исто така, дијалогот којшто претпоставувам после целото средување на оваа ситуација ќе отпочне меѓу власта и опозицијата, претпоставува исто така еден зголемен мониторинг од страна на ОБСЕ и на други субјекти коишто се заинтересирани за стабилноста на Македонија.“
Но целиот процес нема да биде едноставен, вели Ружин и додава дека првата претпоставка да се случи тоа е државата да добие една преодна влада.
Меѓународната заедница барем да се вклучи како мониторинг, оти постапката за да се вклучат директно е многу сложена и тоа првенствено треба да се бара од самите институции, што не верувам дека ќе се случи.Мерсел Биљали, универзитетски професор.
Демократската унија за интеграција, владиниот партнер на ВМРО ДПМНЕ, на втори февруари, три дена по објавувањето на аферата „Пуч“ се огласи со соопштение, во кое, меѓу другото, нагласи дека сметаат оти и меѓународната заедница треба да се вклучи со должно внимание за градење на одржливи демократски стандарди во земјата. Вчера и лидерот на ДУИ, Али Ахмети повтори дека треба да се вклучи меѓународниот фактор, воспоставувајќи политичка комисија и експерти за да овој процес се здобие со кредибилитет и веродостојност кај сите граѓани и да се отстрани сомнежот како ќе се одвива и третира процесот.
Од ДПА велат дека неодамнешните настани покажуваат дека во Македонија ништо не функционира во рамките на законот и вистинската демократија. Претседателот на партијата, Мендух Тачи побара да се воспостави меѓународен специјален суд, кој покрај со овие настани, треба да се занимава и со други слични уште од 93, оти само на таков начин случаите нема да се повторат.
Политичкиот аналитичар Мерсел Биљали вели одамна кај нас е познато дека се суспендирани институциите на власта и дека практично тие не функционираат врз основа на закон, ниту пак врз основа на партиски директиви, туку врз основа на лични директиви на неколку луѓе во земјата. Според него таквите институции не можат да функционираат после вакви афери и немаат капацитет сами да се справат со ситуацијата.
„Меѓународната заедница барем да се вклучи како мониторинг, оти постапката за да се вклучат директно е многу сложена и тоа првенствено треба да се бара од самите институции, што не верувам дека ќе се случи, значи комплетно институциите од судство, обвинител, медиуми се во служба на двајца тројца луѓе и целата држава е во нивно заложништо“, вели Биљали.
Тој потсетува дека не е првпат ДУИ да бара вклучување на меѓународна заедница во домашни работи, а тоа го направи и во случајот „Монструм.“
„Тоа е една непринципиелна игра, не можете да бидете дел од власта и да кажете дека ние не функционираме.“
Синоќа и лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за 24 вести посочи дека ги поддржува предлозите на ДУИ и ДПА за странска експертиза на целиот случај со прислушувањето. Ова се должи на фактот дека во државата нема институции кои тоа би го направиле независно и без притисоци на власта, вели Заев.