Моралната и политичка одговорност кај македонските политичари е речиси непозната појава, коментираат домашните аналитичари по смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес која не ја дочека долго најавуваната операција. На социјалните мрежи не престануваат да се редат коментари од револтирани граѓани и да се бара одговорност од надлежните институции, како и оставки од министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на Фондот за здравство Маја Парнаџиева-Змејковска.
Никој не очекува дека министерот или некој друг може или треба да контролира се, но тој ја има моралната одговорност за тоа што се случува во тој сектор.Ибрахим Мехмети, политички аналитичар.
„Никој не очекува дека министерот или некој друг може или треба да контролира се, но тој ја има моралната одговорност за тоа што се случува во тој сектор“, изјави политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети.
Иако во секоја демократска земја, понесувањето на морална и политичка одговорност е нормална појава кај политичарите, кај нас ваквиот чин е неупотребен, се согласува и комуникологот Александар Цветкоски. Кај нас мора да се случи нешто неубаво за да почнеме да слушаме, вели тој.
Сиромаштијата е мајка на сите кризи и на сите глупости. Кога имаме една општа сиромаштија, луѓето трчаат да го наполнат стомакот, трчаат да заработат и притоа не им е многу гајле за етичноста на своите постапки.Александар Цветкоски, комуниколог.
„Можеме да го паметиме единствено Никола Кљусев кој даде оставка на времето поради една своја изјава и тогаш гледаме дека сè уште имаше некоја трунка на одговорност, било да е тоа политичка, било да е морална, било да е стручна, но оттогаш наваму не ни одат работите во врска со одговорноста“, вели Цветкоски.
Покрај недоволната политичка зрелост и култура во македонското општество, она што предизвикува вакво однесување кај политичарите е и македонскиот менталитет, вели Мехмети. Искуството покажува дека од граѓаните се очекува само да го прифатат тоа што ќе го понуди власта и да не очекуваат побарувања ако нивните очекувања не се остварат.
„Ако вие отидете во некоја јавна или комерцијална институција и се лизнете на скалите, никој нема да рече дека не било избришано, туку ќе речат треба да го смениш ѓонот од чевлите или да купиш нови чевли. Тоа е начинот на којшто функционира нашето општество“, вели Мехмети.
Немаме примери на добро владеење како што има Западот, ниту пак традиција за прифаќање на одговорноста за своите постапки, посочува Цветкоски. На оставките кај нас не се гледа како на доблесна постапка, туку како на личен неуспех и неможност да напредуваат во професионалната кариера, вели тој.
„Сиромаштијата е мајка на сите кризи и на сите глупости. Кога имаме една општа сиромаштија, луѓето трчаат да го наполнат стомакот, трчаат да заработат и притоа не им е многу гајле за етичноста на своите постапки“, вели Цветкоски.
Случајот со Тамара е само еден од многуте во кои поради административни пречки страдаат граѓаните. Од Фондот за здравство вчера соопштија дека во декември минатата година било одлучено операцијата на малата Тамара да се изврши во Турција, а датумот за операција требало да се утврди деновиве. Од таму додаваат дека ако родителите на починатото девојче сакаат да иницираат постапка за одговорност, тоа може да го сторат пред надлежните институции. Тамара Димовска имаше вроден деформитет на рбетот. Под притисок на медиумите, министерот Тодоров на 21 ноември минатата година изјави дека државата ќе го плати нејзиното лекување. Тамара за жал не го дочека тој ден.