Премиерот се повлече пред Студентскиот и Професорскиот пленум

Средбата меѓу претставниците од Студентскиот и Професорскиот пленум, претставници од Ректоратот на УКИМ и премиерот Никола Груевски.

Одложување на примената на спорните измени во Законот за високо образование им понудил премиерот Никола Груевски на професорите и студентите, на денешната средба која се одржа по негово барање.

Сите измени на Законот за високо образование ќе се одложат. Најспорната одредба - државниот испит се одложува за една година, а некои одредби од Законот и подолго. Ова е епилогот од средбата меѓу претставниците од Студентскиот и Професорскиот пленум, претставници од Ректоратот на УКИМ и премиерот Никола Груевски.

Постигнавме заемна согласно дека ќе биде одложен законот, односно сите измени и дополнувања коишто беа последни донесени.
Константин Битраков, Студентски пленум.

Средбата што се одржа во Владата беше свикана на барање на премиерот.

Константин Битраков од Студентскиот пленум изјави дека овој период ќе го искористат да ги изложат аргументите дека треба целосно да се укине државниот испит и дека засега се отворени за дискусија околу законот.

По она што разговаравме, одредбите за државен испит, одредбите за избори во звања, одредбите за нови наставни програми, одредбите за имплементација на новиот систем од 300 на 360 кредити, во главно, со мали исклучоци, сè она за што се водеа бурни расправи и имаше реакции, еден дел од нив се одложени на една година, еден дел на две години.
Велимир Стојковски, ректор на УКИМ.

„Постигнавме заемна согласно дека ќе биде одложен законот, односно сите измени и дополнувања коишто беа последни донесени. Во поглед на барањата на Студентскиот пленум има извршување, има согласност за тие барања, со тоа што ние во периодот додека е одложена промената постојано ќе нудиме аргументи, постојано ќе ги изложуваме нашите ставови дека треба да бидат укинати одредбите, барем оние за државниот испит за коишто студент е најзасегнат. Засега одлагањето секако претставува голем исчекор со тоа што остава простор повторно да бидат разгледани нашите аргументи па да постигнеме и согласност за укинувањето на оние, пред сè спорни одредби“, изјави Битраков.

На социјалните мрежи се појави и реакција од Студентскиот пленум во која се вели дека ништо не е договорено и сите студенти заедно ќе одлучат дали ќе ја прифатат понудата на премиерот.

„Дечки, денес ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со ПОНУДА. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!“, пишува Студентскиот пленум.

Освен државниот испит, како спорни точки претставниците ги издвоија и начинот за избор во звања, како и измената на кредит-трансфер системот од 300 на 360 кредити. Тие се ставени во мирување, изјави ректорот на УКИМ Велимир Стојковски.

„По она што разговаравме, одредбите за државен испит, одредбите за избори во звања, одредбите за нови наставни програми, одредбите за имплементација на новиот систем од 300 на 360 кредити, во главно, со мали исклучоци, сè она за што се водеа бурни расправи и имаше реакции, еден дел од нив се одложени на една година, еден дел на две години“, изјави ректорот Стојковски.

Предлог одредбата со која се одложува стапувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот за високо образование треба да бидат ставени на дневен ред на првата наредна собраниска седница.

Од Владата излегоа со соопштение во кое се вели дека е договорено во периодот што следи да продолжи дискусијата на ниво на работни групи од двете страни во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование.