Владата повторно ја промаши проекцијата на буџетот за повеќе од 100 милиони евра. Буџетскиот дефицит во изминатата година, наместо планираните 319 милиони евра, излезе дека бил 360 милиони односно 4,3 отсто од БДП-по, наместо 3,9 проценти како што беше планирано.
Ова што го прави оваа влада е постојано кршење на законот наречен буџет и законот за извршување на буџет. Треба да има кривична одговорност за оние коишто не го почитуваат извршувањето на буџетот и прават дефицити поголеми од оние што ги усвоил парламентот.Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.
Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека изминатата година приходите во буџетот биле за 156 милиони евра помали од планираните, а владата потрошила 115 милиони евра помалку од што планирала.
Поранешниот министер за финансии и гувернер на НБРМ, Петар Гошев, вели дека со пробивањето на нивото на дефицит се крши законот, затоа што буџетот е закон.
Секогаш при конципирањето на буџетот, владата, односно министерствата, планираат повеќе за да добијат политички поени, а на крај не можат да ги реализираат и приходите, па и капиталните проекти и расходите од другата страна.Изет Зеќири, универзитетски професор.
„Буџетот е закон, па плус на тој закон, постои и закон за извршување, односно за начинот на извршување на тој буџет. Ова што го прави оваа влада е постојано кршење на законот наречен буџет и законот за извршување на буџет. Треба да има кривична одговорност за оние коишто не го почитуваат извршувањето на буџетот и прават дефицити поголеми од оние што ги усвоил парламентот“, вели Гошев.
Податоците од изминатите 5 години покажуваат дека владата секоја година го промашува буџетот за 100 до 200 милиони евра. Во 2013 година, на пример, и приходите и расходите биле за околу 150 милиони евра помали од планираното. Годината претходно, владата прибрала 185 милиони евра помалку од што планирала, а потрошила 95 милиони евра помалку од планираното. Во 2011 година и приходите и расходите се помали за 180 милиони евра од планираното, а во 2010 се собрани и потрошени 105 милиони евра помалку од што Собранието и дало задача на владата.
Поранешниот пратеник и универзитетски професор, Изет Зеќири, вели дека не е толку тешко да се проектира буџетот и дека толку големите промашувања се прават намерно од политички причини.
„Секогаш при конципирањето на буџетот, владата, односно министерствата, планираат повеќе за да добијат политички поени, а на крај не можат да ги реализираат и приходите, па и капиталните проекти и расходите од другата страна“, вели Зеќири.
Гошев се согласува дека буџетот намерно се пумпа за пред јавноста да се прикаже успешност во работењето. Ако правите ребаланс во септември и до крајот на годината промашите за 150 милиони евра, тогаш тоа го правите намерно, вели Гошев.
„За да купат наклоност на јавноста, да потрошат што повеќе пари, да ја задолжат земјата што повеќе, за да покажат наводна успешност во водењето на земјата, ете затоа го прават тоа“, вели Гошев.
Опозицискиот СДСМ минатата недела критикуваше дека, со оглед на буџетскиот дефицит од 360 милиони евра, минатата година владата остварила историски најлоши резултати во поглед на јавните финансии, но власта не се огласи со одговор.
Владата предлага уставни измени со кои буџетскиот дефицит ќе се ограничи на 3 проценти од БДП-то, но во последниве три години тој се движи околу 4 отсто, а минатата година бил 4,3 отсто од БДП. За годинава, владата планира да потроши 300 милиони евра, односно 3,5 отсто од БДП-то, повеќе отколку што ќе прибере од даноци и други давачки.