БалКАМ - Музеите во мрежа во Гостивар и во Скопје

„БалКАМ – Музеите во мрежа“ е насловена изложбата на дела од фотографските и видео селекциите на уметниците од светот кои соработуваат со италијанскиот Музеј на современи уметности Кам Касориа. Куратор на постановката е Антонио Манфреди, а македонската ликовна публика ќе има можност од 4 февруари да ја проследи во Галеријата на Културен центар во Гостивар и два дена подоцна во Културно информативниот центар во Скопје.

Оксана Шаталова од Казахстан, Артур Холинг од Германија, Хелга Гасер од Австрија, Хуанг Јан од Кина, Филипос Тцицопулос од Грција, Силвија Нјенга од Кенија, Џесика Фенлон од САД, Тамахон Фернандо Гарсија од Шпанија, Вубе Езра од Етиопија, Џузепе дел Марко од Италија, Јуничиро Иши и Акутсу Чикиро од Јапонија и нашите Алма Идризи и Бурхан Ахмети се само некои од долгата листа на уметници од светот чии фотографски и видео дела ќе се најдат на изложбата насловена„БалКАМ – Музеите во мрежа“ што од 4 февруари ќе се одржи во два македонски града. Најнапред во Галеријата на Културниот центар во Гостивар и два дена подоцна во Културно информативниот центар во Скопје.

Куратор на постановката е Антонио Манфреди, директор и основач на италијанскиот Музеј на современи уметности Кам Касориа.

Ова е прекрасна можност на вистинскиот начин да се претставиме насекаде низ светот. Токму тоа нам најмногу и ни треба. На еден попримерен, творечки, па ако сакате и полесен начин да поминеме низ вратата до широката интернационална презентација. Да не видат такви какви што сме на сцената.
Алма Идризи, уметница.

Основан 2005 година со цел да стане културен центар и експериментална лабораторија, Музејот за целото ова време тежнее пред сè да биде референтна точка за универзална современа уметност со отворен контекст. Од таму, како што ќе забележат неговите потписници, КАМ Касориа музејот за современа уметност не е основан како некаква културна изложбена машина, дури не и како музеј кој содржи слики, но тоа е блиску до тоа како тие би сакале еден музеј да функционира денес: место каде што се произведува култура и истражување, каде што се врши дидактика, стимулирање на херменевтички искуства на современата, каде креативноста се визуелизира, каде што комплексноста на тековната естетика се практикува.

Би рекол дека оваа изложба за секој уметник треба да биде многу важна, бидејќи го има предзнакот меѓународна, а Алма и јас не само што се претставуваме самите како творци, туку на вистинскиот начин ја презентираме и културата на Република Македонија.
Бурхан Ахмети, уметник.

Концепцијата на Музејот е да е отворен за меѓународен развој; делата на светски уметници се претставуваат без никакви предрасуди во врска со било земја или етничката припадност.

Затоа и НетКАМ станува мрежа, којашто е неопходна за подобрувањето на културната реалност која создава контакти и надворешни односи. Но, овој пат во согласност со неговиот стил на збогатување на уметничката сфера во светот, Музејот за современи уметности КАМ Касориа има одредено за цел размножување и ‘ртење на музеите на разни локации на глобален план.

„Идејата е еден дел од постојаната колекција на дела, по избор на кураторот, како пример за презентација на проектот НетКАМ да бидат поставени во различни градови по светот, но тоа не ќе биде серија на изложби, туку можна основа за основање на други музеи КАМ. Во овој контекст произлегува првиот настан на овој систем кој што е наречен BalCAM – БалКАМ затоа што почнува одовде и кој за прв пат ќе биде претставен кај нас во Гостивар, во Македонија, каде што КАМ има силна поддршка од страна на Здружението за уметност и култура СИЛИНДАРТ“, вели уметницата Алма Идризи.

Таа дополнува дека потем следуваат постановките во Турција, Полска, Велика Британија, при што на секоја од државите ѝ следува додавката КАМ.

Од друга страна, Идризи ќе рече дека на овој начин за ликовните уметници од земјава се отвораат убави можности за контакти со уметниците и кураторите од глобалната уметничка сцена.

„Ова е прекрасна можност на вистинскиот начин да се претставиме насекаде низ светот. Токму тоа нам најмногу и ни треба. На еден попримерен, творечки, па ако сакате и полесен начин да поминеме низ вратата до широката интернационална презентација. Да не видат такви какви што сме на сцената“, вели таа.

Нејзиниот колега Бурхан Ахмети забележува дека ова е една од поинтересните идеи со кои се сретнал во последно време во однос на вмрежувањето на ликовните уметници од светот и дека е среќен што нејзината првична балканска промоција се случува токму во неговиот роден град. Вели дека самиот е графичар и сликар по професија, но дека на оваа постановка тој на ликовната публика ќе ѝ понуди една поинаква своја уметничка презентација.

„Јас сум дел од овој проект затоа што моја слика се наоѓа во колекцијата на Музејот на современи уметности Кам Касориа. На оваа изложба ќе се претставам со уметничка фотографија и со видео како и другите 29 селектирани автори од целиот свет. Би рекол дека оваа изложба за секој уметник треба да биде многу важна, бидејќи го има предзнакот меѓународна, а Алма и јас не само што се претставуваме самите како творци, туку на вистинскиот начин ја презентираме и културата на Република Македонија“, вели Ахмети.

Тој потенцира дека оваа идеја е драгоцена, особено за помалите градови како што е Гостивар. Тој потсетува дека иако Гостивар е една од урбанизираните средини во земјава која не е често присутна на културната мапа, сепак располага со богата ликовна сцена и со уметници кои творат во неколку здруженија. Затоа, како што вели, ова е едно од навистина ретките значајни културни случувања што ќе ја растресе летаргијата и за кое очекува убави реакции, не само од уметниците, туку и воопшто од сите љубители на уметноста.

Инаку, Македонија е една од земјите со кои италијанскиот Музеј на современи уметности Кам Касориа има одлична соработка. Колку за потсетување, во 2013 година, во Касориа се одржа изложбата насловена како „Одраз бела, црна или не“ на која беа претставени најзначајните македонски уметници и којашто беше реализирана во соработка со македонското Министерство за култура и НУ Националната галерија на Македонија.