Достапни линкови

Шулајковски со симболично навраќање на прапостоењето на земјата


Изложба на македонскиот уметник Емил Шулајковски.
Изложба на македонскиот уметник Емил Шулајковски.

„Враќање кон корените“ е наслоена 24-та самостојна изложба на македонскиот уметник Емил Шулајковски што, од 24 декември 2014 до 15 јануари оваа година, се одржува во галеријата „Грал“ во Скопје. На неа авторот премиерно претставува дела кои го следат неговиот творечки ракопис во последниве две децении и кои по мотив претставуваат симболично навраќање кон прапостоењето на мајката земја.

Повеќе од триесеттина слики, масла на платно и акварели, како дел од проектот „Враќање кон корените“ на уметникот Емил Шулајковски се претставени на изложбата што до 15 јануари годинава се одржува во скопската галерија „Грал“. Преку нив, авторот, на љубителите на ликовната уметност, им нуди предели, појави и индивидуални, лични искуства на сликарски план, вешто вметнувајќи елементи од сите циклуси на својот творечки опус од последниве 20 години.

Тоа платно ми беше како носечки столб на целиот овој концепт. Враќање кон корените може да биде разбрано и како враќање кон земјата. Јас ги генерирам, циклично ги вртам четирите елементи од природата и земјата поодамна ја немав обработувано.
Емил Шулајковски, уметник.

Говорејќи за изложбата Шулајковски вели дека ја именувал според насловот на својата прва слика изработена во 2014.

„Тоа платно ми беше како носечки столб на целиот овој концепт. Враќање кон корените може да биде разбрано и како враќање кон земјата. Јас ги генерирам, циклично ги вртам четирите елементи од природата и земјата поодамна ја немав обработувано. А со самото движење, во изработката на овие дела некако интуитивно им се вратив на моите почетоци и посегнав по некои моменти што некогаш сум ги практикувал и кои во меѓувреме биле некаде длабоко потиснати на страна.“

Сепак, уметникот нагласува дека најмалку сакал да се повторува, туку да претстави едно свое ново видување базирано на наталоженото искуство. Така, како што појаснува, се создал еден поголем фонд на дела кој творечки го оправдува зададениот наслов, при што на маслата им приклучил и неколку акварели – техниката која ја практикувал до 1998 година и на која и се врати во последниве три години.

Експресијата на колорот останува, на некои дела монохроматски се навратив мрдајќи се кон мојот циклус „Меѓупростор“, кон надреалистичките почетоци од 1990-те ...и сето тоа го сплотив во една интересна гама, интересни комбинации на бои и димензии.

„Експресијата на колорот останува, на некои дела монохроматски се навратив мрдајќи се кон мојот циклус „Меѓупростор“, кон надреалистичките почетоци од 1990-те ...и сето тоа го сплотив во една интересна гама, интересни комбинации на бои и димензии. Повеќето се вертикали, а тој експеримент со димензиите ме води во некои други простори. До некои други видувања на нештата.“

Инаку, по завршувањето на изложбата во галерија „Грал“ Шулајковски планира „Враќање кон корените“ да ја претстави во уште неколку градови од земјава, но забележува дека тоа и не е единственото со кое што како творец ќе биде преокупиран во текот на претстојниот период. Најавува нова, овојпат концептуална, средба со главно градската ликовна публика во Младинскиот културен центар што треба да се обистини во текот на 2016 година. Информира дека сето тоа е во фаза на обмислување, но убеден е дека тоа ќе биде еден значаен авторски исчекор за него како уметник.

Роден 1969 година, Емил Шулајковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професор Ана Темкова. Постдипломските студии ги завршил кај Родољуб Анастасов, а член е на ДЛУМ од 1993 година.

Досега има реализирано 23 самостојни изложби ( на последната „Магични кругови“ одржана лани во Домот за култура „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци се претстави со акварели)и учествувал на повеќе од 70 групни поставки во земјава и во странство. Добитник е и на четири национални награди за своето творештво.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG