Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека доказите што ги има за криминал и злоупотреби на власта не се од странски разузнавачки служби, туку од „патриоти“ во македонското разузнавање. Тој уште еднаш најави дека многу брзо ќе ги објави доказите, односно „бомбата“, но на вечерашната прес-конференција во партиското седиште не објави ништо. Заев ја повика меѓународната заедница да го следи процесот.
Вистината е дека доказите што ги поседуваме се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци, што е уште еден доказ дека системот на контрола им е во распад.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Кривичната пријава против него за „шпионажа и и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“ ја оцени како дрзок обид да се спречи објавувањето на доказите за, како што рече, кршењето на законите и Уставот.
На прес-конференцијата на која присуствуваше речиси целото партиско раководство, Заев рече дека Никола Груевски и неколку поединци околу него, „преку нивните тајни партиски служби“ во изминатите години следеле илјадници граѓани на Македонија.
„Вистината е дека доказите што ги поседуваме се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци, што е уште еден доказ дека системот на контрола им е во распад“, рече Заев додавајќи дека во Македонија има чесни и одговорни луѓе и патриоти кои веќе не можеле да молчат за криминалот на власта.
Заев вели дека не постои странска служба која може да стави илјадници граѓани под системска контрола и оти тоа може да го направи само власта.
„А што мисли премиерот, дека ќе му кажам кој ги доставува доказите“, рече Заев.
Тој рече дека власта знаела дека СДСМ во вторникот донела одлука за закажување на Централен одбор на кој требало да одлучи за објавување на доказите и оти затоа со денешните кривични пријави сакала да го пресретне тоа, но вети дека се ќе биде објавено.
Затоа, порака и до членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ – Не брзајте, узурпирана ви е и партијата, не брзајте, за поединци се работи и сите вие сте таргет помеѓу овие илјадници граѓани! Во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги имаме.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Заев рече дека не тој, туку власта ги кршела уставот и законите и им се обрати на членовите на владејачката партија.
„Затоа, порака и до членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ – Не брзајте, узурпирана ви е и партијата, не брзајте, за поединци се работи и сите вие сте таргет помеѓу овие илјадници граѓани! Во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги имаме“, изјави Заев.
Тој рече дека ова е почеток на враќањето на слободата и демократијата во Република Македонија и дека ако тој биде затворен, некој друг ќе ги објави доказите.
Насобраните членови и симпатизери во партиското седиште на СДСМ го скандираа името на Заев и свиркаа и извикуваа „лопов“ по секое споменување на премиерот Никола Груевски.
Пред прес-конференцијата на Заев, неколку стотици граѓани се собраа на протест во Паркот Жена-борец наспроти македонското Собрание, по што се упатија кон партиското седиште на СДСМ, но полициски кордон ги спречи да стигнат до зградата на најголемата опозициска партија. Граѓаните се собраа по повикот на социјалните мрежи насловен „Да го искажеме револтот против предавниците“. Според повикот, треба да се стави крај на предавниците, односно дека не смее да им се прости на тие кои соработуваат со странските служби. По неполн час, насобраните се разотидоа. Претходно високи функционери од СДСМ повикаа луѓето да не наседнуваат на повикот и оти протестот го организира владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска МВР информира дека лидерот на СДСМ Зоран Заев е еден од четирите лица осомничени во полициска акција „Пуч“. Со акцијата, според полицијата, е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта. Во акцијата првосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него и барал техничка влада и избори.
Премиерот Никола Груевски, пак, во денешното обраќање до јавноста по повод кривичната пријава против лидерот на СДСМ Зоран Заев, за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, рече дека лидерот на опозицијата барал формирање на техничка влада заканувајќи му се со снимени телефонски разговори кои може да го компромитираат државниот врв. То рече дека Заев не криел дека соработува со странска разузнавачка служба која го снабдила со „нелегално, противзаконски и противуставно стекнат материјал, делумно и монтиран“ за да оствари своја цел. Груевски рече дека ова е голема штета за угледот и имиџот на државата.