Достапни линкови

Власта ја деактивира „бомбата“ на Заев, го сомничи за пуч


Со акцијата е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, велат од МВР. Лидерот на СДСМ Зоран Заев се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него и барал техничка влада и избори, а за возврат ветувал дека нема да ја објавува „бомбата“. Заев вели дека ова е обид на власта да го спречни објавувањето на „бомбата“, но дека нема да успее.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е еден од четирите лица осомничени во полициска акција „Пуч“, соопшти МВР. Со акцијата е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, велат од МВР. Во акцијата првосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски. Него полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него и барал техничка влада и избори, а за возврат ветувал дека нема да ја објавува „бомбата“. Извор на информации на Заев му бил Верушевски, вели полицијата.

Полициска акција „Пуч“

Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како претседател на Владата на РМ и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците.
Иво Котески, МВР.

„Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата на РМ,на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата на РМ јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во РМ. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како претседател на Владата на РМ и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците“, рече помошник министерот во МВР Иво Котески.

Иво Котевски.
Иво Котевски.

Заев - Нема да го спречат објавувањето на „бомбата“

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека кривичната пријава против него поради сомнеж за „загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта“ е само „дрзок и безобразен обид на власта да го спречи објавувањето на докази и аргументи“.

Дури и Заев и половина Македонија да ја притворат и осомничат, вистината ќе ја знаат сите и нема да успеат да го спречат објавувањето.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Поради тоа што постои целосна спрега меѓу МВР, Обвинителството и судството, ја повикувам меѓународната заедница да се вклучи во целиот процес, поради тоа што се работи за слободата и демократијата во земја-членка на ОН и земја кандидат за членство во ЕУ и да се произнесат и да помогнат во враќањето на слободата и демократијата во Македонија“, изјави Заев за Радио Слободна Европа.

Тој вели дека ништо нема да го спречи да ја објави „бомбата“.

„Дури и Заев и половина Македонија да ја притворат и осомничат, вистината ќе ја знаат сите и нема да успеат да го спречат објавувањето“, вели Заев.

Груевски - Не прифаќам закани и уцени од Заев

Премиерот Никола Груевски во денешното обраќање до јавноста по повод кривичната пријава против лидерот на СДСМ Зоран Заев, за „шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи“, рече дека лидерот на опозицијата барал формирање на техничка влада заканувајќи му се со снимени телефонски разговори кои може да го компромитираат државниот врв.

Груевски информира дека од септември до ноември четири пати се сретнал со Заев. На средбите, лидерот на опозицијата побарал формирање техничка влада, но оти тој не прифаќа закани, уцени и местенки.

„Ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од Претседателот на државата, Собранието, владата, медиумите и други политички и јавни лица од власта и од опозицијата. Го прашав неколку пати дали е сигурен во тоа што го говори и дали е сигурен дека навистина станува збор за странска разузнавачка служба, на што добив потврдни одговори“, рече Груевски во обраќањето на кое не беа дозволени новинарски прашања.

Груевски рече дека Заев му раскажал неколку телефонски разговори, за кои констатирал дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни.

„Сакам да ја информирам јавноста дека ќе одговорам на сите прашања во судската постапка која ќе биде јавна и транспарентна и за домашната и за меѓународната јавност и ве повикувам сите да го следите случајот со внимание и да ги гледате доказите и да ги препознаете шпекулациите и местенките“, рече Груевски кој додаде дека вистината ќе излезе на виделина и оти за сè постојат цврсти докази.

Покрај Верушевски и Заев осомничени во акцијата се и сопругата на Верушевски и вработен во општина Струмица.

Во периодот од 2012 до денес, првопријавениот прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на надлежни државни органи во РМ во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци што се однесуваат на општествено-политичките, економските, безбедносните состојби во РМ, со намера, подвлече Котевски, да ги соопшти и предаде на странска држава, организација или лице што им служи. Неговата сопруга, пак, на својот службен компјутер на работното место во „Стопанска банка“, вршела превод на документи и податоци на англиски јазик кои и ги давал осомничениот, за тој преведени да ги предаде на странска држава, организација или лице што им служи.

Првоосомничениот се товари за две кривични дела и тоа „шпионажа“ и „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“, а неговата сопруга му помагала при извршување на делата. Третиот и четвртиот осомничен се товарат за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“.

Котевски појасни дека согласно законот за „насилство спрема претставници на највисоките државни органи“ и „шпионажа“ казната затвор е најмалку четири години.

Во меѓувреме во друга акција е поднесена кривична пријава и против 19-годишниот син на Верушевски, за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Обвинителство - Нема притвор за Заев, но му е одземен пасошот

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до надлежниот судија на претходна постапка поднесе предлог за определување мерки за обезбедување присуство на лицата и за непречено водење на кривичната постапка „притвор“, и тоа спрема осомничените З.В., С.В. и Б.П.

Со оглед на сите околности на кривично правниот настан и фактот што кривичното дело останало во обид, се посочува во соопштението, за осомничениот З.З. не е поднесен предлог за определување на мерката „притвор“, туку предлог за определување мерка на претпазливост и тоа обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице односно кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG