Секое признание годи. Посебно кога има предзнак авангарда што значи предводница. Значи поттик и секако еден вид дополнителна промоција на делото што е многу битно. Не бадијала ете и Европската унија воведе награда за литература којашто ја дава годишно на десеттина писатели од Стариот континент бидејќи наградите во ова време се еден вид на репер колку е делото добро или не.
Се надевам оти оваа награда ќе успее дополнително да ги афирмира и тие нови да речеме генерации бидејќи и тоа и е намената.Дејан Трајкоски, писател.
Ова ќе го забележи Дејан Трајкоски по веста дека, за романот „Неверство“, неговата втора книжевна објава, е добитник на наградата Македонска книжевна авангарда што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје.
Тој појаснува дека наградата е наменета условно речено „за млад автор“, но вели дека кај нас, како и за многу други работи, времето е прекршено и за „млади“ се сметаат и оние до 45 години. Од таму, Трајкоски се надева дека таа ќе продолжи и ќе успее да ги афирмира и новите генерации. Оние кои допрва доаѓаат.
Кога пишувам, битно ми е да го задржам тој специфичен македонски фолклор во мислата и јазикот, бидејќи мене лично ми е најблизок, најзабавен и најинтересен за читање, па и од таму за пишување.Дејан Трајкоски, писател.
„Мојата генерација од 1970-те години е како некое друштво на неродени писатели. Прескокната. Осакатена генерација. Во Македонија на прстите од една рака можат да се избројат писателите од мојата генерација. И затоа е одлично што во последно време генерациите од 1980-те и 1990-те започнуваат да објавуваат прозни смели дела. Веќе имаме и некои мудри пера како Живко Гроздановски, на пример, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска. Да не зборуваме за Жарко Кујунџиски, Румена Бужаровска и други. Така што, се надевам оти оваа награда ќе успее дополнително да ги афирмира и тие нови да речеме генерации бидејќи и тоа и е намената“, вели Трајкоски.
Говорејќи за романот, за кој рецензентите, во поглед на јазичната умешност, сочните дијалози и впечатливата описност, го споредуваат со Петре М. Андреевски и Живко Чинго, велејќи дека тие се вистински „татковци“ на неговата проза, тој истакнува дека од почеток бил замислен како еден вид осврт на аспекти од неверството. Вели дека една од главните амбиции му била да направи дообработка на стилот, како и обликување на главната поента според него, односно неверството кон самиот себе си во романот кое што читателите и рецензентите го препознале како такво.
Дополнува дека како најдраг момент од оваа и од претходната книга му е стилот, бидејќи кога пишувал, повеќе внимание обрнувал на украсувањето на речениците отколку на течението на приказната.
„Јас од Петре М. Андреевски секојдневно учам. Интересно е што од Чинго досега имам прочитано само неколку раскази, така што тоа ќе мора да до поправам, но пред сè можам да кажам дека не сум се учел да пишувам како нив, туку сум пробал да го пренесам духот на македонскиот народ и веројатно тоа е резултат ете на тој еден богат македонски јазик полн со фолклор. Така што тие споредби за мене се повеќе од очекуваното“, вели Трајкоски.
Дипломиран професор по филозофија и новинар во дневниот весник „Вечер“, Дејан Трајкоски е автор на романите „Вистина, љубов (Рашомонијада)“ и „Неверство“. Идеен автор и директор е на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ и член на Друштвото на писателите на Македонија и Интернационалната федерација на филмски критичари Фипресци.
Прашан дали по публикувањето на двете објави веќе се втурнал во нова литературна авантура, писателот истакнува дека по првиот роман рекол оти ќе помине којзнае колку време до вториот, но почнал да го пишува три дена по промоцијата. Сега вели дека нема чкртнато ни ред, но сигурен е дека ќе продолжи во истиот стил во однос на формата, структурата и начинот на израз.
„Кога пишувам, битно ми е да го задржам тој специфичен македонски фолклор во мислата и јазикот, бидејќи мене лично ми е најблизок, најзабавен и најинтересен за читање, па и од таму за пишување“, вели Трајкоски.