Визија – крик за разбудување во мракобесието

ВИЗИЈА е скопски бенд кого неодамна британскиот сајт EmergingIndieBands го вклучи во десетте најдобри од светот како победници за месец февруари 2014, а во годината пред тоа нивната урбана химна „Гласот на мојата душа“ беше високо рангирана на листата топ-синглови од страна на американското радио WMBR. И, тоа не е се. Покрај успешните настапи на фестивалите во регионов, тие со својот ритам и јасните пораки ја запалија масата студенти на протестот пред Владата на Република Македонија.

Приказната по се изгледа се повторува. Македонија, колку и да е длабоко потоната во мракобесието на невкусот и турбо-какофонијата, наново преку светот ќе ги открива сопствените вистински звуковни вредности и немири.

Таков бил случајот со АРХАНГЕЛ и со МИЗАР. Прво морале надвор да се потврдат, па откако се дознало дека таму некаде се успешни и дека ги ценат тогаш и кај нас почнало да се создава некое ново, поинакво мислење за тие бендови. Не велам дека таков е и нашиот случај, но факт е дека сме поуспешни во другите средини отколку дома.
Марко Џамбазовски, гитарист.

По МИЗАР, АРХАНГЕЛ, АНАСТАСИЈА... таков е случајот и со ВИЗИЈА. Всушност, нивните наследници или младите луѓе кои наспроти инертноста на средината решија валоризацијата на сопствената инвенција да ја бараат онаму каде што ги препознаваат.

Бендот го чинат Марко Џамбазовски (гитара), Марко Гапо (вокал и ритам гитара), Лилјана Јанкова (бас) и Синиша Ѓорѓевиќ (тапани). Тие како ВИЗИЈА делуваат од ноември 2011 година, а неодамна британскиот сајт EmergingIndieBands го вклучи во десетте најдобри од светот како победници за месец февруари 2014 . Нешто пред тоа нивната песна „Гласот на мојата душа“ беше високо рангирана на листата топ-синглови за 2013-та од страна на американското радио WMBR,а во инфото за досегашното делување на составот особено значајни моменти се учеството на 47-от престижен балкански рок фестивал – ГИТАРИЈАДА ЗАЈЕЧАР ( свиреа како еден од 12-те најквалитетни млади регионални бендови на манифестацијата), “ потем „Складиште фест“ во Крушчиќ – исто така во соседна Србија, „Јелен-демо фест“ во Бања Лука, на случувањето за меѓудржавна културна соработка “Rock ‘n’ Pop the Borders” што се одржа во Благоевград – Бугарија и конечно на домашните “Таксират“, „Т-к Так Фест“ и „Пиволенд“.

„Веројатно таков е менталитетот кај нас во Македонија. Секогаш некој од надвор треба да ни каже дека нешто е добро за да после тоа и самите го прифатиме. Таков бил случајот со АРХАНГЕЛ и со МИЗАР. Прво морале надвор да се потврдат, па откако се дознало дека таму некаде се успешни и дека ги ценат тогаш и кај нас почнало да се создава некое ново, поинакво мислење за тие бендови. Не велам дека таков е и нашиот случај, но факт е дека сме поуспешни во другите средини отколку дома“, истакнува Марко Џамбазовски.

Тој дополнува дека во основа вината лежи во домашните медиуми кои безмалку се комплетно затворени за сето она што го нема предзнакот на „комерцијално“ и за оние кои допрва доаѓаат на сцената.

„Кај нас во медиумите повеќе се ценат некои други правци од популарната музика, некои дури сомнителни и погрешни вредности, отколку она што се случува на алтернативната сцена. Убеден дум дека треба да се отвори вентил токму за тие субкултурни пројави за да имаме конечно поуспешна музичка сцена.“

ВИЗИЈА на крајот на минатиот декември имаше и бележит настап во финалето на јубилејното 30-то издание на „Рок фест“, а Марко Џамбазовски беше прогласен за најдобар гитарист( доби на подарок гитара од спонзорот на манифестацијата „Јамаха“). Но, она што е поважно е што потем следуваше нивното појавување и громогласните пораки испратени од големиот студентски протест пред Владата на Република Македонија.

„Рок музиката е бунтот на една генерација. Всушност преку нашата музика и енергија ние го изразуваме местото на младиот човек во општеството во кое што живееме. Тоа е нешто на што најмногу обрнувам внимание кога ги пишувам текстовите. Повторувам нашата музика е одраз на бунтот на нашата генерација. На тој протест пред Владата имавме многу истомисленици. Тоа наедно беше одлична можност да излезеш пред толку голем собир на луѓе и да им пренесеш една силна порака – дека вреди да се бориш за промени. За својот став, своето мислење. Затоа нам лично ни е многу драго што одлично бевме прифатени од присутните на протестот. Тоа не е мала работа“, категоричен е гитаристот.

Од друга страна, Марко Џамбазовски, како студент по режија и монтажа е потписник на документарецот „Ѕвезда на надежта“ посветен на првиот период од делувањето на култниот македонски состав МИЗАР ( од основањето во 1981 до 1986 година) кој одлично помина на специјализираните филмски фестивали во Хрватска и во Србија.

„Мене пред сè како иден режисер и монтажер ме привлекуваат овие музички филмови, музички документарци. Овој филм за групата МИЗАР ми беше едно убаво искуство и уште поубава можност да се претставам пред јавноста. Филмот одлично помина на фестивалите каде што беше селектиран, а јас имав можност не само да видам како се одвиваат работите на таквите манифестации, туку да запознам и значајни автори, дури и оскаровци ...и да собирам знаења. За сега останува да и се посветам на програмата на студиите, а потоа ќе размислувам што понатаму. Идеи имам...“

Запрашан, пак, дали нему и на Лилјана им тежи бремето на нивните родители ( Панта Џамбазовски и Петар Јанков) кои своевремено свиреле токму во некои од откровенијата на МИЗАР и АРХАНГЕЛ, Марко ќе рече дека нивното искуство им било од драгоцена помош.

„Ние од нив сме учеле и сме научиле како да го пронајдеме својот пат. Како да правиме нешто што ќе биде автентично наше. Да изградиме свој стил, поразличен од она што тие некогаш го потпишувале. Ни на крај памет не ни текнало да ги копираме. Напротив. “

Конечно, ВИЗИЈА зад себе имаат едно и-пи само-издание со пет песни снимени во студиото на Валентино Скендеровски и наскоро планираат да го комплетираат материјалот за својот деби албум кој би сакале да ја носи етикетата на една од домашните продукции.