Виртуелна демократија и дисциплинирани медиуми

Протести, маршеви, јавни негодувања на народот против одредени предлог закони, наспроти обидот на власта за привид на дебата, и на крај се носат закони по мерка на власта. Но не е само таа виновна.

Протести против предлог законот за високо образование, протести против плаќањето на придонеси за хонорарите, силни јавни негодувања поради Законот за медиуми. Со ова беа и се проследени обидите на власта да регулира некои сфери, а засегнатите тврдат дека не се против реформи, но бараат да се слушне и нивниот глас за да се дојде до подобри решенија. Но, на сите овие несогласувања, оние што ги носат законите, најчесто остануваат глуви.

Власта организира паралелни ѓоа организиации, ѓоа здруженија, ѓоа пленуми за да го создаде тој привид, оти наводно има сенс за дебата.
Синиша Станковиќ, новинар.

Во некои случаи, како на пример за Законот за медиуми, имаше обид за дијалог, но на крајот ЗНМ дури и испрати писмо до Европската федерација на новинари за да се пожали дека се изиграни. Хонорарците и покрај обидите не ни беа викнати на разговор, а студентите и професорите имаа обиди за дебата, вклучително и средбата кај Иванов, но речиси ништо не вроди со плод.

Протест на хонорарците.

Се прави ли обид да се направи привид на дебата, а во суштина повторно да се истераат законите по мерка на власта?

Не мислам дека решение е само излегување на улици и таков притисок, ќе окупирате вие еден плоштад и после што ќе правите? Мора посилно да ги искажувате своите барања на секој можен начин.
Срѓан Јанаќиевиќ, режисер.

„Сето тоа е всушност инзвонредна режија на пи-ар експертите. Македонија, за жал, од каква-таква демократија до пред едно 8-9 години, прерасна во виртуелна деморкатија и власта си живее во еден паралелен свет на своите пи-ар експерти, свет во којшто таа грубо ги дисциплинираше најпривин медиумите, до денешната потполна подјарменост и свет во кој секојдневно власта организира паралелни ѓоа организиации, ѓоа здруженија, ѓоа пленуми за да го создаде тој привид, оти наводно има сенс за дебата“, вели новинарот Синиша Станковиќ кој директно е засегнат и од Законот за медиуми и од новиот за хонорарци.

Јавно негодување поради Законот за медиуми.

Против тој закон се огласија и филмските работници па апелираа до власта да размисли уште еднаш за последиците кои може да произлезат од него односно намалување на и онака скромните средства што ги заработуваат. Но, сепак, законот стапи во сила од први јануари годинава. Режисерот Срѓан Јанаќиевиќ вели дека во оваа држава дваесет години не учат како се води дијалог, но како што додава, никако да научиме.

„Кога некој не слуша, ќе мора да види, а ако не види, ќе мора да почувствува. Организам кој нема никакви чувства, најверојатно веќе е мртов организам. Не мислам дека решение е само излегување на улици и таков притисок, ќе окупирате вие еден плоштад и после што ќе правите? Мора посилно да ги искажувате своите барања на секој можен начин“, вели Јанќиевиќ.

Според професорката Мирјана Малеска вината сепак не е само кај власта. Таа се однесува насилнички, додава таа, но нагласува и дека професорксата фела и досега можела да излезе со концепт за реформи што смета дека и се неопходни, а не, како што вели, да реагира само под надворешен притисок. Нема лесни и брзи решенија за надминување на ваквата ситуација услови на осакатена демократија како македонската, додава Малеска.

„На краток рок не треба ништо да се очекува, но на подолг рок сите засегнати кои протестираат, па и власта ќе се најде засегната со критиките што ги добива и заради протестите, можеби не знам, ќе резултира во некое поголемо ниво на чувствителност на општеството за она што се вика демократски процес“, вели Малеска.