Политичарите се плашат од шеги на нивна сметка

Илустрација.

Љупчо Бубо Каров кој беше дел од хумористичната К–15, објаснува дека политичарите, особено новите генерации, се плашат дека шегата на нивна сметка ќе влијае врз нивниот рејтинг.

Хуморот и сатирата треба да бидат коректив во едно здраво општество, но во Македонија тој стана душевна болка за политичарите. Во состојба кога владее стравот, се добива впечаток дека македонскиот телевизиски хумор е пред умирање. Љупчо Бубо Каров кој беше дел од хумористичната К–15, објаснува дека не станува збор за обид за убиство на хуморот, туку за заштита на политичарите кои се плашат дека шегата на нивна сметка ќе влијае врз нивниот рејтинг.

Тоа не е смислен обид да се уништи целокупниот хумор, меѓутоа е за она што се смета дека пречи и дека е влијателно. Зошто би уништувал нешто ако не е влијателно, од хир?
Љупчо Бубо Каров, хуморист.

„Автоматски го активира системот за заштита и најефикасен систем е елиминирање на оној што пречи. Прашањето е многу на место, само што тоа не е смислен обид да се уништи целокупниот хумор, меѓутоа е за она што се смета дека пречи и дека е влијателно. Зошто би уништувал нешто ако не е влијателно, од хир? Никој политичар не би си правел никакви проблеми“, вели тој.

Режисерот Александар Поповски, пак, вели дека обидот за убиство на хуморот е стар колку и самиот човек.

Ние денеска официјално го немаме хуморот, официјално тој е укинат, ама неофицијално има многу хумор, на Фејсбук има многу хумор, на обични места има многу хумор, луѓето си се смеат.
Александар Поповски, режисер.

„Обидот да се убие хуморот е стар колку што е старо човештвото, а еве до ден денес се смееме на вицови. Ништо нема само од себе да се ослободи, ние треба да создадеме услови работите да се ослободат. Многу брзо луѓето ќе почнат да се смеат, тие и денеска се смеат. Ние денеска официјално го немаме хуморот, официјално тој е укинат, ама неофицијално има многу хумор, на Фејсбук има многу хумор, на обични места има многу хумор, луѓето си се смеат. Тие го држат хуморот официјално затворен, да речеме ако гледаш некои телевизии, тоа е смешно, ама тие се доживуваат сериозно, нивната перцепција е сериозна, а нам ни е смешно“, вели Поповски.

Бубо Каров вели дека неговото досегашно искуство покажува дека македонските политичари и немаат смисла за хумор.

„Можам да речам дека до пред пет-шест години, политичарите што беа актуелни, да речеме оние најекспонираните, познавав 95 отсто од нив и со нив сум имал и контакти, со некои повеќе, со некои помалку, не многу од нив имаа смисла за хумор, меѓутоа имаше луѓе кои немаа смисла за хумор, ама сакаа да создадат амбиент да има хумор“, вели Бубо Каров.

Тој на шега вели дека отсекогаш имало закон за дозиран хумор, но само што не е официјално донесен.

„Ние сме имале случаи, само тогаш процентите беа поинаку изразени. Во МТВ кога работевме за плата, кога го правевме НННРВ, кога нè казнуваа, нè казнуваа со 30-35 отсто од плата, значи ете ти го законот, уште тогаш бил во подготовка, ама не сме знаеле“, вели тој.

Луѓето кои се занимаат со телевизиски хумор велат дека нема услови за тој убаво да заживее, затоа што ретко кој може да го издржи финансискиот притисок. Каров додава дека денеска во Македонија не може да се живее од хонорар заработен од хумор и сатира.