Празници без струја, а сега струја со рестрикции

Населените места кои останана со денови без струја поради снежното невреме, сега имаат електрична енергија, но можат да ја користат со рестрикции.

Населените места во Oпштината Маврово-Ростуше конечно имаат струја со рестрикции откако во изминатите 11 денови снежните врнежи предизвикаа прекин во напојувањето. Ситуацијата во оваа општина се влоши од 28 декември по оштетувањето на главните далноводи, а патиштата до нив беа непристапни и ЕВН мораше да изгради привремен далновод за да донесе напојување до трафостаницата „Јанче“ од која напон добиваат овие населени места. Овој далновод на толку ниски температури и двојно зголемена потрошувачка не може да издржи големо оптоварување па затоа внимаваме при нејзиното користење, вели жител на Маврово- Ростуше.

Сега имаме, ама се договорија месните заедници секој ден да има по околу 3 саати рестрикција, што пак е добро во споредба со овие 11 денови што немавме струја. Струјата не е којзнае каква, со мал напон е, ама добро, можеме барем да имаме интернет, телевизија.
Изјава на жител на Маврово-Ростуше.

„Сега имаме, ама се договорија месните заедници секој ден да има по околу 3 саати рестрикција, што пак е добро во споредба со овие 11 денови што немавме струја. Струјата не е којзнае каква, со мал напон е, ама добро, можеме барем да имаме интернет, телевизија“, вели жител на Маврово-Ростуше.

Сите населени места во Општината Маврово-Ростуше имаат електрична енергија, а прекините кои се јавуваат се од големите оптоварувања на трафостаниците кои се јавуваат поради двојно зголемената потрошувачка, вели портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски. Претставници на кризниот штаб на ЕВН Македонија, градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше и претседателите на месните заедници во меѓувреме се договориле како да се надминат проблемите со електричната енергија додека траат ниските температури велат од ЕВН.

Илустрација.

„Корисниците дури и над 60-70 отсто од вообичаеното ја трошат електричната енергија, трафостаниците не можат да ги издржат тие товари, па на одредени места се јавуваат дефекти кои ги санираат нашите вработени, затоа по неколку часа овие корисници остануваат без електрична енергија, додека не се санираат дефектите“, вели Ковачевски.

Корисниците дури и над 60-70 отсто од вообичаеното ја трошат електричната енергија, трафостаниците не можат да ги издржат тие товари, па на одредени места се јавуваат дефекти кои ги санираат нашите вработени.
Атанас Ковачевски, ЕВН.

Во меѓувреме од пред неколку дена воспоставен е напон во сите други критични региони кои имаа проблеми со снабдувањето со електрична енергија за време на празниците. Единственото нешто што сега го прават екипите на ЕВН е отстранување на помалите дефекти кои се во ниско напонската мрежа, односно во најнепристапните оддалечени села каде од пред некој ден се расчистени патиштата и екипите може непречено да работат.

„Остануваат уште работи исто така во низок напон, да се нормализира снабдувањето со електрична енергија на неколку места, каде што екипите на ЕВН работат за отстранување на помалите дефекти. Екипите ќе останат на терен за да може да се санираат проблемите и на најоддалеченото место“, вели портпаролот на ЕВН.

Поради големото невреме проследено со обилни врнежи од снег и ветер дистрибутивната мрежа на ЕВН претрпела штети најмногу во градовите Дебар, Струга и Охрид. Проблемите во дистрибутивната мрежа, се случија откако испаднаа двата далекуводи на МЕПСО во регионот на Охрид, Ресен и Струга.