Достапни линкови

Ќе светне струја речиси секаде, планинските села ќе почекаат


Од ЕВН велат дека денеска речиси секаде ќе има нормално напојување со електирична енергија. Денеска се очекува да биде прооден и патот Кичево-Охрид.

Нормален режим на снабдување со електрична енергија се очекува денеска да биде воспоставен низ земјата, велат од ЕВН. Поради големото невреме проследено со обилни врнежи од снег и ветер дистрибутивната мрежа на ЕВН претрпела штети најмногу во градовите Дебар, Струга и Охрид, вели портпаролот на компанијата Атанас Ковачевски.

И покрај тешко пристапните терени екипите вложуваат максимални напори и постојано работат на отстранување на дефектите.
Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Според него проблем се уште има во некои населени места во Охрид, Ресен, Струга и Дебар, како и во прилепско, битолско и Демир Хисар. Проблемите во дистрибутивната мрежа, како што вели Ковачевски, се случиле откако испаднале двата далекуводи на МЕПСО во регионот на Охрид, Ресен и Струга.

Состанок на Кризниот штаб поради снежното невреме.
Состанок на Кризниот штаб поради снежното невреме.

„И покрај тешко пристапните терени екипите вложуваат максимални напори и постојано работат на отстранување на дефектите. Од раните утрински часови уште во текот на вчерашниот ден до доцна во ноќта работеа се додека временските услови овозможуваа да може да се работи на отстранување на дефектите во координација со владиниот кризен штаб и со кризните штабови на локалната самоуправа на Охрид и на Струга. Како се расчистуваа патиштата, така и онаму кадешто имаше дефекти ги отстрануваше“, вели Ковачевски.

Најголем дел од населените места, како на пример Вевчани, Лабуништа, Октиси итн, денеска околу 14 часот ќе имаат редовно снабдување со електрична енергија.
Миле Јанакиески, Министер за транспорт и врски.

Утринава заседаваше и кризниот штаб на владата. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека се нормализира ситуацијата со напојување на електричната енергија.

„Најголем дел од населените места, како на пример Вевчани, Лабуништа, Октиси итн, денеска околу 14 часот ќе имаат редовно снабдување со електрична енергија и денеска најголемиот дел од населените ќе треба да го имаат истото, со тоа што ќе останат мал број на планински села кои во текот на наредните денови исто така ќе добијат електрична енергија.“

Од МЕПСО вчера соопштија дека ги вклучиле под напон двете трансформаторски станици во Охрид и оти останува операторот на дистрибутивен систем да започне со манипулации и со вклучување на реоните во градот.

Ковачевски вели дека екипите на ЕВН ќе останат и понатаму на терен и ќе работат каде што имаат пристап, бидејќи поголемиот дел од дефектите се во непристапни планински предели каде има снег од над метро и половина.

„Денеска се очекува скоро секаде да биде воспоставен нормален режим на снабдување. Да се надеваме дека времето нема повторно да предизвика нови проблеми и нови снежни навеви, но како и да е, екипите ќе бидат постојано на терен и ќе се реагира секаде кадешто корисниците ќе пријават дека ќе има прекин во снабдувањето со електрична енергија.“

Јанакиески соопшти и дека утрово на патот Кичево-Охрид, односно Пресека започнала акцијата за вадење на завеаните автомобили. Според него, патот до крајот на денот или во текот на утрешниот ден ќе биде прооден за автобуси и тешки товарни возила.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG