Владината рака длабоко во џебот на граѓаните

Архивска фотографија: Протест против плаќањето придонеси за хонорарите во Скопје.

Граѓаните сè повеќе се жалат на казните и давачките за државата во услови кога владата се фали со економски успеси.

Граѓаните никако да ги почувствуваат ефектите од тоа што Македонија е на второ место по економски раст во европски рамки како што тврди владата. Има сè повеќе луѓе кои имаат чувство дека во годината што измина, политиките на владата ќе ги паметат по давачките што треба да ги издвојат за државата. Можеби за европските земји тие се ниски, но за нашиот стандард не е така, велат тие.

Секој ден во нашите џебови имаме туѓи раце, не можеме да искочиме на крај со оваа даночна политика, кога пензиите се мали.
Анкетиран граѓанин.

Некои се жалат поради високи камати за неплатени сметки, но има незадоволство и поради сè почестите казни од кои некои се за банални работи. Има граѓани кои реагираат дека морале да платат казна од 500 евра зашто со возилото не застанале на пешачки премин, иако преминот не е одбележан, а тоа е надлежност на локалната власт. Посочувањата од овој тип се редат во низа и секој од свој агол има искуство кога поголем дел од домашниот буџет завршува во касата на државата.

Колку таа кондиција и колку тоа темпо на казни и нови давачки може да го трпи граѓанинот и компаниите тоа е под знак прашалник, затоа што начинот на живеачка и куповната моќ на граѓанинот сè повеќе и повеќе опаѓа.
Висар Адеми, економски аналитичар.

„Премногу сме оптеретени. И од банка, за задоцнето плаќање на една дебитна картичка, имам преку 1000 и кусур денари, ми накалемиле уште некои казни. И секој ден во нашите џебови имаме туѓи раце, не можеме да искочиме на крај со оваа даночна политика, кога пензиите се мали“, вели анкетиран граѓанин.

Голема загриженост од давачките оваа година има во редовите на приватниот сектор. Сопствениците на помали дуќани се жалат дека заработувачката им оди на исплаќање обврски кон државата. Дел од нив коментираат дека особено ќе се почувствува импактот од новите фискални каси што треба да се набават од 31 јануари. Ова владата го правда со подобра фискална контрола, но дуќанџиите велат дека поради нискиот стандард и намалениот промет, тоа нема да придонесе за создавање подобри услови за отворање сопствен бизнис како што сака владата.

Дел од вработените во приватните компании, пак, се жалат дека набрзина донесената обврска да се исплаќа К-15 важи само на хартија, зашто работодавачите не може да ги подмират останатите давачки.

„Има многу трошоци, посебно последните два-три месеци е малку напнато, јасно е дека нема К-15. Мене ми е подобро овој дуќан да има работа и мене ми е поубаво секој месец да земам плата, отколку да мора да ми даде К-15 и за три месеци да мора да го затвориме дуќанот, затоа што нема да може да опстане. Според прометот што го правиме, значи јас реално гледам, мене тие 8.500 од К-15 нема да ми завршат многу работа кога утре за три месеци ќе останам без работа, а имам две деца дома“, вели вработена во приватен сектор.

Дел од луѓето коментираат дека во прашање се европски регулативи кои ќе внесат ред во работењето, но поголем е бројот на луѓе кои се жалат дека со најниски плати во регионот земјава не може да имплементира закони од земји кои имаат многу повисок стандард.

Економистите велат дека приватниот сектор се жали дека не може да исплива на површина бидејќи се мултиплицираат постојано давачките кон државата и со тоа им се намалува заработувачката, правејќи ги лидери во регионот како ниско профитни компании кои секогаш се на работ на неизвесност во поглед на егзистенцијата. Новите фискални каси дополнително внесуваат неизвесност кај ситните дуќанџии, вели економскиот аналитичар Висар Адеми кој дополнува дека 2015 година на економски план ќе биде потешка од минатата година.

„Колку таа кондиција и колку тоа темпо на казни и нови давачки може да го трпи граѓанинот и компаниите тоа е под знак прашалник, затоа што начинот на живеачка и куповната моќ на граѓанинот сè повеќе и повеќе опаѓа. Мислам дека тоа ќе има голема реперкусија во 2015 година и мислам дека тоа ќе се почувствува сега повеќе“, вели Адеми.