Маските се строго чувана тајна. Најчесто во минатото се работеле од природен материјал, сега малку е тоа модернизирано. Секој Вевчанец во текот на годината промислува што ќе се прави како Василичар. Вевчанците ќе ви кажат се што сакате, но само едно нема да ви кажат – каква маска ќе одберат да носат на карневалот.
Вевчанскиот карневал Василичари е автентичен, автохтон и пред се и над се оригинален толку многу што низ вековите ниедна власт не останала не критикувана, ниедна власт не останала некамшикувана.Мишо Китановски, новинар и публицист.
Вака новинарот и публицист Мишо Китановски ќе ја започне приказната во пресрет на традиционалниот Вевчански карневал за Василица, доаѓањето на Новата година според стариот календар, кој овојпат со богата програма ќе се одржи од 9 до 14 јануари. Тој дополнува дека Вевчанци се чувствителни на зборот „карневал“ и дека милуваат да велат Василичари оти карневалот е строго режирана работа со учество на повеќе школи и со моден дизајн.
„Вевчанскиот карневал Василичари е автентичен, автохтон и пред се и над се оригинален толку многу што низ вековите ниедна власт не останала не критикувана, ниедна власт не останала некамшикувана. Вевчанскиот василичарски карневал не е ништо друго туку премиера на една единствена претстава која што се случува само на 13 и 14 јануари и никогаш не се повторува. Ни по маски, ни по идеја, ни по сценографија, ни по дијалог“, истакнува Китановски.
Вевчанци живеат од и за карневалот. Доколку во минатото вевчанците не можеле да дојдат во Вевчани тогаш се правеле исто така поворки под маски во градовите каде што се наоѓале.Мишо Китановски.
Вели дека василичарските групи сами избираат што ќе подготват и што ќе презентираат. Дека сами се автори на маските, на дијалогот и на она што ќе го изведат тие денови.
Публицистот навраќајќи се на минатото, на традицијата долга повеќе од 1.400 години, појаснува дека Василичарите се надалеку познати и дека Вевчани е првиот град во Република Македонија кој станал член на асоцијацијата на европските градови на карневали под уставното име на државата.
Вели дека најзначајниот квалитатив што патува со карневалот е всушност неговата суштина и бит. Потенцира дека празнувањето е составено од два дела. Едниот е уличниот или театарот под маски или обичаи под маски, а вториот е интимниот и се однесува само на семејството на вевчанците. Нагласува дека нема печалбар во минатото, па и денес, да не си дојде дома за Василица.
„Вевчанци живеат од и за карневалот. Доколку во минатото вевчанците не можеле да дојдат во Вевчани тогаш се правеле исто така поворки под маски во градовите каде што се наоѓале. Како што е тоа Белград, Дубровник, Загреб и во други места каде што биле на печалба.“
Говорејќи, пак, за спецификите на самото традиционално славење на Василица публицистот ќе рече дека по полноќ кога се оди на вевчанските Извори домаќинките носат со себе садови и китка составена од босилек, гранчиња од дрен и од растението василичарка врзани со црвен конец. Дополнува дека тоа е метафора која што треба да испрати порака за новата посреќна, побериќетна и побогата година.
„Сето ова зборува за еден богат духовен живот. Вертикалата на вевчанскиот стоицизам е точно содржана токму во ова – дренот за да бидат сите јаки и долговечни во семејството, босилекот да бега ѓаволот од куќата и оние што живеат во неа и трето повеќегодишното растение василичарка да го буди злото да не влегува во куќата. Тоа нас не води, ни покажува, ни потврдува дека богатството на духовниот живот што патува заедно со легендата за василичарите ни дава за право да веруваме дека Вевчани од памтивек, додека е светов и веков, било богато по мисла, богато по идеја, богато по практикувањето на печалбарството, односно неимарството. Вевчанските градители ги изградиле најубавите градби на Балканот и од тука нивниот завет не е ништо друго секоја година да се враќаат дома.“
Инаку, Вевчанскиот карневал ќе започне в петок со промоција на книгата „Масони од Македонија до 1990 година“ од Миле Д. Миќуновиќ и отворање на изложбата на слики од вевчанскиот уметник Петре Шутиноски. Во текот на наредниот ден е предвидено да се одржи промоција на книгата „Токму кај што треба“ од Крсте Шутиноски и изведба на монодрама за Методија Андонов Ченто, додека в недела ќе настапи КУД „Дримкол“.
За 12 јануари во 21 часот предвиден е концертот на македонскиот состав „Суперхикс“, а пред полноќ публиката ќе ја забавува хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“, кој за оваа пригода одбра репертоар составен од најпознатите хитови од нивните 18 студиски изданија.
Конечно централниот настан е традиционалната карневалска поворка која ќе започне на 13 јануари околу 14 часот со парада на групите од Горно и Долно маало. Дефилето во центарот на Вевчани ќе трае до 16 часот, а за вечерта во 21 часот е предвидено да музицираат групата „Љубојна“ и фолк-пејачката Елена Велевска.
Старата нова година - Василица ќе биде пречекана со голем огномет, а манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.