Нови детали за смртта на претседателот Трајковски

Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим кој ја изврши втората истрага за падот на авионот во кој загина претседателот Борис Трајковски, денеска на надлежните органи во БиХ ќе им го предаде конечниот извештај за причините за несреќата.

Десет години по загинувањето на претседателот на Македонија, Борис Трајковски, според шефот на меѓународниот тим Омер Кулиќ, успешно била завршена работата околу извештајот за околностите за паѓањето на авионот во близина на Мостар. Кулиќ наведува дека овој пат точно било утврдено што се случило.

Ние дефинитивно точно утврдивме што било, но бидејќи станува збор за нова истрага утврдивме и цела маса нови детали и информации кои не беа опфатени со првата истрага.
Омер Кулиќ, шеф на меѓународниот тим за истрага на несреќата во која загина претседателот Борис Трајковски.

„Во комисијата имаше стручњаци од четири држави, Хрватска, Србија. Босна и Херцеговина и Македонија. Работата траеше неполни две години. Точно е утврдено што се случило и сакаме завршниот извештај да го презентираме, најпрвин тука во Босна и Херцеговина, на главниот обвинител Горан Салиховиќ и на министерот за сообраќај и комуникации Дамир Хаџиќ. Потоа одиме во Македонија за да го презентираме извештајот каде што ќе одржиме прес-конференција и симулација на летот. Тоа ќе го направиме и тука по Нова година“, наведува Омер Кулиќ во разговор за дописникот на Радио Слободна Европа од Сараево Џенана Халимовиќ.

Горан Салиховиќ

Според Кулиќ, барањето на Македонија за повторно отворање на истрагата било оправдано.

Не можам ништо да ви кажам, јас не сум во правосудството. Тоа еден ден ќе мора да ги прашате луѓето од правосудството кога ќе го добијат овој извештај, кога ќе го анализираат и тогаш надлежните обвинители ќе видат дали има елементи за кривично дело или не.
Омер Кулиќ, шеф на меѓународниот тим за истрага на несреќата во која загина претседателот Борис Трајковски.

„Морам да ви кажам, кога разговарав со министерот за сообраќај и комуникации, јас и тогаш му кажав дека без оглед на доказите кои Македонците ги отвориле, би требало да се отвори нова истрага бидејќи во Македонија има луѓе кои јавно, на телевизија рекле дека тоа било атентат врз претседателот Трајковски. Од тие причини ние моравме да отвориме нова истрага, токму за да ги отстраниме тие шпекулации“, вели тој.

Кулиќ одби да обелодени дали неговиот извештај е во спротивност со заклучокот на претходната Комисија, односно дека до несреќата дошло поради процедурална грешка на пилотот при слетувањето на аеродромот во Мостар. Во врска со информациите што се појавија во јавноста дека авионот експлодирал во воздух, односно пред да падне на земја, тој вели:

„Не можам да кажам. Ако сега би кажал едно, би го потврдил или демантирал тоа. Се уште не влегуваме во приказната. Хаџиќ и Салиховиќ ќе бидат првите луѓе кои ќе го добијат извештајот со презентацијата, а потоа ќе го добијат во Македонија. Ние дефинитивно точно утврдивме што било, но бидејќи станува збор за нова истрага, утврдивме и цела маса нови детали и информации кои не беа опфатени со првата истрага“, вели тој.

Дамир Хаџиќ

Кулиќ на прашањето дали, според него, по овој извештај, имало елементи за кривично гонење одговара:

„Не можам ништо да ви кажам, јас не сум во правосудството. Тоа еден ден ќе мора да ги прашате луѓето од правосудството кога ќе го добијат овој извештај, кога ќе го анализираат и тогаш надлежните обвинители ќе видат дали има елементи за кривично дело или не“, вели тој.

Омер Кулиќ во разговорот за РСЕ вели дека во текот на истрагата имал извесни недоразбирања со некои структури кои, според него, не соработувале доволно колку што очекувал.

„Но, тоа е дел од работата. Најважно е дека успешно ја завршивме“, наведува тој.