Достапни линкови

Македонија една година по трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски


На градските гробишта „Бутел“, во алејата на великаните, каде дождот, не го попречи присуството на голем број граѓани и претставници на општествено политичкиот живот кои сакаа да оддадат почит, во овие моменти треба да отпочне централното одбележување на смртта на претседателот Борис Трајковски со откривање на биста, излеана во бронза, изработена од академик Томе Серафимовски. На комеморацијата присуствуваат претставници на сите политички партии, како од власта, кои ги откажаа активностите врзани со изборната кампања, така и од сите други партии од опозицијата, и од ВМРО-ДПМНЕ како матична партија, од чијшто редови беше избран Трајковски и претставници на сите црковни заедници во Македонија.

На вечниот дом, во алејата на великаните, каде што е испишан цитат од евангелието, венци треба да положат, семејството на претседателот Трајковски, шефот на државата Бранко Црвенковски, премиерот Владо Бучковски, поранешниот претседател Киро Глигоров, делегација на Собранието, претставници на Генералштабот на АРМ, делегација на БИХ, како и претставници на дипломатскиот кор во Макеоднија. Пред гробот на Трајковски обраќање ќе има премиерот Владо Бучковски, а според програмата ќе бидат прочитани и говори и обраќања на Трајковски, како и цитати од бибилјата. Официјалниот дел од церемонијата, треба да заврши со пристигнување на маратонецот од Мостар Александро Голо, кој во спомен и чест на на загинатиот претседател и знак дека и Мостар ја дели тагата по Трајковски по истрчувањето на 600 км маратор од Мостар до Скопје ќе положи букет свеќе пред вечниот дом.

На првата годишнина од смртта на претседателот Борис Трајковски, Скопје е под облаци и дожд, го враќа чувството на минатогодишниот 26 февруари, кога под временски околности од дожд и магла, во близина на Мостар, кај ридот Ропај, се урна претседателскиот авион, во кој со него, на меѓународна конференција во Мостар требаше да отпатуваат претседателот и осуммина негови соработници и членови на екипажот. Заедно со претседателот, животот на патот на конференцијата во Мостар го загубија Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска, сите советници во кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски задолжени за обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
XS
SM
MD
LG