Насилството помеѓу средношколците во Македонија

Mоника Божиноска, Проектен координатор во Младински образовен форум.

Насилството е значајно застапено помеѓу средношколците во Македонија покажува истражувањето на Младинскиот образовен форум, пишува Mоника Божиноска од МОФ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Насилното однесување како бихевиорален сегмент од човековото функционирање се забележува уште од самиот почеток на неговото постоење. Во текот на општествениот развој, моделите и контекстот во кои се пројавува насилството се менувале согласно општествените пригоди. Развојните процеси, карактеристични за младите, придонесуваат за актуелноста на насилството помеѓу оваа популација, која е впрочем и една од најранливите групи затекнати од оваа појава.

Во јавноста е креирана и перцепцијата дека насилното однесување во мешано етничките средини е почесто застапено во споредба со средините во живее население со хомогена етничка структура. Ваквата перцепција секако дека влијае како проблемот би бил третиран и кои мерки би се превземале за негово решавање.

Многу интернационални истражувања ја нотираат честата застапеноста на насилството помеѓу младите и укажуваат на проблемите кои произлегуваат од него. Во Македонија досега се спроведени неколку истражувања кои го анализираат насилството помеѓу децата и младите, меѓутоа досега отсуствуваат податоци кои можат да дадат детален приказ за тоа колку е застапено насилството помеѓу средношколците, во каква форма се јавува и дали постои разлика во манифестирањето на насилство помеѓу средношколците од различна етничка припадност, пол, религија, место на живеење итн. Медиумите кај нас често нотираат инциденти помеѓу средношколците, при што почесто се забележуваат инциденти помеѓу ученици од различна етничка позадина. Оттука во јавноста е креирана и перцепцијата дека насилното однесување во мешано етничките средини е почесто застапено во споредба со средините во живее население со хомогена етничка структура. Ваквата перцепција секако дека влијае како проблемот би бил третиран и кои мерки би се превземале за негово решавање.

Иницирани од недостатокот на релевантни наоди за насилството како проблематика со која се затекнати младите, но и јавноста во поширока смисла, Младинскиот образовен форум спроведе истражување кое имаше за цел да го испита ова прашање. Истражувањето „Насилно однесување помеѓу ученици од средно училиште“ е спроведено во периодот од февруари до април 2014 на кластерски рандомизиран примерок во кој се опфатени 2.476 испитаници и 31 средно училиште. Истото опфаќа повеќе модели на насилно однесување манифестирани во различни контексти, како училиште, населба, партнерска врска и семејство. Дополнително ја тестира поврзаноста помеѓу степенот на манифестирано однесување и булингот со факторите утврдени во претходни истражувања поврзани со насилството.

Според добиените резултати, насилството е значајно застапено помеѓу средношколците во Македонија. Анализирајќи го искуството со манифестирано насилно однесување, 19,6 отсто од испитаните ученици имале „физичка пресметка“ со некого во изминатите 30 дена, 25 отсто некого „турнале или удриле шамар“, додека 7,7 отсто „влечеле за коса, алишта или терале да прави нешто што другиот не сакал да направи“. Дополнително, жртва на насилство биле 13,3 отсто од испитаниците кои биле удрени со „тупаница, клоца, давени и/или претепани“, 7,2 отсто биле нападнати со „палка, шише, нож, боксирач или друг вид на неогнено оружје“, 7,1 отсто биле заплашени со „пиштол“ и принудени да сторат нешто што не сакаат. Покрај физички напади, учениците биле жртви и на вербално насилство кое може да остави подеднакво големи последици кај учениците. Така, 22,4 отсто од испитаниците биле „задевани или исмејувани“, 36,4 отсто од учениците биле жртва на „ширење невистини за нив“, 10,6 отсто на „сексистички коментари или гестикулации“, а 17,5 отсто од испитаниците изјавиле дека некој од нивните врсници „крадел од нив“, 11,6 отсто добиле „навредлива или исмејувачка порака или навредувачки коментар на социјални мрежи и веб-портали“.

Според добиените резултати, речиси половина од учениците не се чувствуваат често безбедни во училиште, населби во кои не живеат, на патот до училиштето, автобус или автобуската станица. За споредба, тие најбезбедно се чувствуваат во својот дом, својата населба и улица. Ваквите резултати може да се должат на резултатите кои укажуваат дека учениците сметаат дека оружјето е лесно достапно и често застапено помеѓу нивните соученици и врсници. Поточно, 45,4 отсто сметаат дека некој од учениците во училиштето има боксирач, 45,4 отсто нож, 32,4 отсто палка, 27,7 отсто пендрек и 19,1 отсто пиштол. Дополнително 17 отсто од учениците сметаат дека набавувањето на пиштол е „многу лесно“ да се изведе, а за 27 отсто ова е „релативно лесно“, за 36,7 отсто е „тешко“ да се изведе, а само за 19,2 отсто е „невозможно“. Оваа зачестеност секако не можеме да кажеме дека е во согласност со реалната ситуација, туку тоа е само перцепцијата на учениците колку е застапено оружјето и колку е достапно до нив.

Насилството не само што може да остави трајни последици кај жртвите и насилниците, уште повеќе претставува системски општествен проблем. Истиот потребно е да се третира системски врз основа на наоди и анализи кои го обработуваат овој проблем.

Кога би се споредиле резултатите не постои компатибилност помеѓу перцепцијата за достапност за оружје и нивните изјави колку често тие поседувале оружје со нив, односно учениците сметаат дека оружјето е застапено повеќе од тоа што е. Иако бројот на ученици кои се изјасниле дека со себе носат оружје е помал од нивната претпоставка колку е застапено оружјето, сепак е доста индикативен е податокот кој укажува на тоа дека учениците носеле со себе оружје дури и во училиште. Поточно, 4,1 отсто од учениците се изјасниле дека во текот на годината со себе носеле „пиштол“, а 2,5 отсто биле на училиште со „пиштол“, 6,8 отсто од учениците со себе носеле „друг вид на оружје од нож и пиштол“, а 4 отсто изјавиле дека носеле „друг вид на оружје“ во училиште.

Во однос на тестираните разлики, резултатите покажаа дека не постои статистички значајна разлика во степенот на манифестирано насилно однесување помеѓу учениците кои живеат во етнички хомогени и етнички хетерогени градови. Овој податок укажува дека насилството треба да се третира како проблем со кој се соочуваат сите ученици во Македонија, а не изолирано само учениците кои живеат во етнички хетерогените средини.

Сепак, истражувањето утврди разлики во однос на искуството со булинг и перцепцијата за достапност на оружјето помеѓу учениците кои живеат во етнички хетерогени и етнички хомогени градови. Поточно, учениците кои живеат во етнички хетерогени градови имаат почесто искуство со булинг и перцепција дека оружјето е подостапно во споредба со средношколците кои живеат во етнички хомогени градови.

Насилството не само што може да остави трајни последици кај жртвите и насилниците, уште повеќе претставува системски општествен проблем. Истиот потребно е да се третира системски врз основа на наоди и анализи кои го обработуваат овој проблем. Наодите од ова истражување јасно укажуваат дека насилството е значајно застапено помеѓу средношколците во Македонија и укажува на потребата од ревидирање на постоечките мерки за превенција и третирање на насилството во насока на поефикасно справување со оваа проблематика.