Зошто плаќањето придонеси за хонорарите е неприфатливо?

Здравко Савески, Левичарско движење Солидарност.

Со овие законски измени Владата сака да превиди дека најголемиот проблем на Македонија е сиромаштијата, а не зголемувањето на парите кои таа ги контролира! И понуди лек кој е полош од болеста!, пишува Здравко Савески од Левичарското движење Солидарност во младинската он-лајнк колумна на Радио Слободна Европа.

Намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1 јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста. Покрај тоа, изнаоѓањето начини како избраните и именуваните лица да бидат изземени од оваа обврска што Владата им ја наметнува на сите останати смртници, ја покажува целата извитопереност на вака зацртаниот концепт на плаќање придонеси за хонорарите.

Работодавачите ќе им ги намалат хонорарите за со тие пари да ги платат придонесите кон државата и на тој начин ќе предизвикаат нивно дополнително осиромашување. Дури е можно, не можејќи повеќе да ги плаќаат, да ги отпуштат од работа, со што ќе се зголеми и невработеноста.

Голем број лица во Македонија, немајќи можност за редовно вработување, се принудени да се борат за својата егзистенција работејќи за хонорар, кој најчесто не е ниту редовен ниту висок. Покрај тоа, ним не им следуваат сите оние права кои ги имаат според закон работниците во редовен работен однос. Далеку од привилегирани, овие лица се дел од прекаријатот, еден од најзагрозените делови од работништвото. Ним, кога ќе стапат на сила законските измени, работодавачите ќе им ги намалат хонорарите за со тие пари да ги платат придонесите кон државата и на тој начин ќе предизвикаат нивно дополнително осиромашување. Дури е можно, не можејќи повеќе да ги плаќаат, да ги отпуштат од работа, со што ќе се зголеми и невработеноста.

Особено важно е да се нагласи дека сите лица кои се работно ангажирани и сите лица што во иднина ќе бидат работно ангажирани се загрозени, директно или индиректно, од овие законски измени.

1) Загрозени се хонорарните работници во прикриен работен однос (новинари и други). Тие треба да вршат работа според договор за вработување, а не според договор за хонорар. Но, нивните работодавачи, за да заработат дополнително врз основа на неплаќање придонеси од плата, годишен одмор, породилно отсуство, боледувања итн., наместо како редовно вработени, ги ангажираат како хонорарни работници.

2) Загрозени се хонорарните работници кои по природата на работата работат хонорарно (преведувачи, ангажирани на проект и други). Во нивниот случај често не постои работодавач кој може да ги ангажира во редовен работен однос и тие се принудени од прилика до прилика, кога ја има, кога ја нема, да прибираат пари за да можат да заработат за пристоен живот, а често и тоа не го можат.

3) Загрозени се редовно вработените лица кои вршат дополнителна работа хонорарно. Тие имаат редовно вработување, а хонорарите им се дополнителен извор на финансии. Иако најмалку засегнати, и нивното осиромашување не смее да се занемари. Платите во Македонија за огромното мнозинство од населението станаа недоволни за пристоен живот. Во таква ситуација ретките прилики за хонорарен ангажман за овие лица не значат нивно збогатување, туку само нешто попристоен живот за нив и нивните семејства.

Со овие законски измени Владата сака да превиди дека најголемиот проблем на Македонија е сиромаштијата, а не зголемувањето на парите кои таа ги контролира! И понуди лек кој е полош од болеста!

4) Загрозени се сите идни вработени и сите сегашни вработени во редовен работен однос. Новите законски измени ќе им овозможат на работодавачите, исполнувајќи си ги сите финансиски обврски кон државата, сосема легално да склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување со лицата кои работно ги ангажираат. Дури е можно и на своите сегашни вработени да им го сменат договорот за вработување со договор за хонорар. На тој начин, тие, без да бидат попречени од државата, кон која ќе си ги намират финансиските обврски, ќе можат да заштедат на грбот на вработените врз основа на неисплата на надоместоци за годишен одмор, боледување, породилно отсуство, задолжителни систематски прегледи, отпремнини при отказ и друго, како и да ги лишат вработените од правата гарантирани со Законот за работни односи и другите закони кои регулираат права од работен однос.

Со овие законски измени Владата сака да превиди дека најголемиот проблем на Македонија е сиромаштијата, а не зголемувањето на парите кои таа ги контролира! И понуди лек кој е полош од болеста! Решавањето на проблемите кои самата ги создаде кај Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и кај Фондот за здравствено осигурување не смее да биде на грбот на сиромашните и обесправените! Нека престане со законските привилегии на екстра-богатите во однос на плаќањето на придонеси од плата! Нека обезбеди почитување на Законот на работи односи преку спречување на прикриените работни односи! Така нека го зголеми приливот на средства во фондовите, а не дополнително празнејќи го џебот на оние што немаат ниту пари ниту права!