Според податоците на Центарот за истражување и креирање политики, скриената или „сивата“ економија во Македонија се движи помеѓу 24 и 47 отсто од Бруто домашниот производ. Освен негативното влијание врз повеќе општествени групи, сивата економија во голем дел се поврзува и со корупцијата и со организираниот криминал, а овие теми во медиумите во Македонија малку се покриваат.
Сивата економија не е високо на агендата на медиумите. Како медиумите можат да влијаат врз подобро известување, претпоставувам со поблиска соработка со невладиниот сектор и со бизнис асоцијациите.Емил Шурков, Центарот за истражување и креирање политики.
За тоа како да се зајакне медиумското известување за скриената економија и корупција, Центарот вчера организираше работилница каде се дискутираше за состојбите. Аналитичарот од оваа организација, Емил Шурков, вели дека сивата економија и корупцијата не е на агендата на медиумите во Македонија и според него потребно е новинарите повеќе да се фокусираат на истражувачко новинарство кое ќе ги опфаќа овие теми.
„Кај нас медиумите се фокусираат на неколку теми. За жал скриената економија, односно сивата економија не е високо на агендата на медиумите. Како медиумите можат да влијаат врз подобро известување, претпоставувам со поблиска соработка со невладиниот сектор и со бизнис асоцијациите, кои имаат директна врска со работодавците и со работниците“, вели Шурков.
Ако ги погледнеме меѓународните извештаи за слободата на медиумите, во цела Источна Европа, вклучително и во Бугарија, економските интереси сериозно влијаат врз работата на медиумите.Руслан Стефанов, Центар за изучување на демократија од Бугарија.
Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократија од Бугарија, која е членка на Европската унија од 2007 година, оценува дека известувањето на бугарските медиуми за корупција има и позитивен и негативен аспект. Тој вели дека големата зависност од економските интереси е проблем кој заедно со економската криза ја влошуваат состојбата кој медиумите.
„Ако ги погледнеме меѓународните извештаи за слободата на медиумите, во цела Источна Европа, вклучително и во Бугарија, економските интереси сериозно влијаат врз работата на медиумите. Од друга страна, ако погледнеме колку многу се развиваат интернет медиумите, ќе забележиме дека постои пристап и извор до информации поголем од кога и да било. Тие информации разоткриваат конкретни случаи на корупција и сива економија“, вели Стефанов, кој додава дека во последните 10 години Европската унија има направено сериозно влијание врз државните институции на Бугарија да го зголемат количеството на информации кои се достапни за граѓаните и медиумите.