Студентите очекуваат власта да се повлече од екстерното

Зошто мнозинството професори, иако се засегнати од законот, на студентите кои протестираа, им даваат само „задкулисна поддршка?

Од Студентскиот пленум очекуваат министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми да донесе одлука за повлекување на најавената реформа за екстерно тестирање во високото образование. Адеми изјави дека до средината на декември ќе се знае дали ќе има екстерно тестирање на универзитетите.

Доколку се донесе мерката, ние планираме и во иднина да реагираме, дали преку протести, дали на други начини на изразување на автентичен студентски револт, ќе видиме, ама во секој случај сме на став дека до средината на декември, министерот, доколку има слух за самите студенти, треба да ја повлече мерката.
Дејан Лутовски, студентски пленум.

Дејан Лутовски од Студентскиот пленум, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека се надева оти маршот, кој што го организираа и дебатата која се покрена во меѓувреме ќе биде доволен показател дека мерката не е во ред.

„Доколку се донесе мерката, ние планираме и во иднина да реагираме, дали преку протести, дали на други начини на изразување на автентичен студентски револт, ќе видиме, ама во секој случај сме на став дека до средината на декември, министерот, доколку има слух за самите студенти, треба да ја повлече мерката“, вели Лутовски.

Министерот треба без двоумење да го прифати таквиот предлог, односно да не го прифаќа притисокот што му се врши од страна на премиерот. Со самата изјава на министерот се дава до знаење дека тоа е желба на премиерот.
Сулејман Рушити, поранешен министер за образование.

Поранешниот министер за образование и наука Сулејман Рушити вели дека студентите бараат нешто што е правилно и законски логично.

„Министерот треба без двоумење да го прифати таквиот предлог, односно да не го прифаќа притисокот што му се врши од страна на премиерот. Со самата изјава на министерот се дава до знаење дека тоа е желба на премиерот“, вели Рушити.

На прашањето зошто поголемиот дел од професорите не ги поддржаа, Лутовски одговара дека професорите како научни работници и интелектуалци имаат пред сè морална одговорност да застанат на страната на студентите. Но, за жал, според него, тоа останало на задкулисна поддршка и тапкање по рамо дека не се задоволни и не им се допаѓа мерката.

„Тие професори кои нè поддржуваа и јавно и коишто дојдоа и на маршот, секоја им чест, можам да кажам дека тој исклучок од академската заедница тотално го обели нејзиниот образ, колку што можеше да го обели, ама во секој случај е проблематично, бидејќи самиот закон ги опфаќа и професорите и чудно е зошто тие малку поостро и подостоинствено не реагираа на ова“, вели Лутовски.

Рушити додава дека стравот е причината поради која професорите отворено не ги поддржуваат студентите.

„Мислам дека ние веќе знаеме што се случува околу нас, знаеме дека ако се каже мислењето се губи работно место и мислам дека тоа е, нема место за анализа зошто професорите, иако ги поддржуваат барањата на студентите, не го кажуваат тоа јавно, поради тоа што ќе ги изгубат работните места“, вели Рушити.

Тој воедно порачува дека кога студентите протестираат е добра вест, односно не е лошо тие да се занимаваат и со социјалните случувања и политичките одлуки кои ги засегаат.