Опасност од македонските џихадисти што ќе се вратат дома

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Балканот и милитантите на Исламската држава

Се проценува дека 20 македонски државјани како доброволци заминале на џихад во Исламската држава, а 12 загинале.

Извесен период, речиси еднаш во неделата имаше вест дека некој македонски државјанин загинал на боиштата во Сирија и во Ирак, борејќи се на страната на борците од Исламска држава.

Ја прифаќаат таа идеологија, таканаречената Исламска држава, и со таква идеологија учествуваат таму и за жал со таква идеологија се враќаат во Република Македонија.
Благоја Марковски, безбедносен аналитичар.

Македонија во меѓувреме донесе и антитерористички закон со кој се казнува учеството на македонските државјани на странските боишта. Но, и покрај честите вести за загинувања, проценките се дека бројката на македонски државјани заминати на боиштата не е многу висока. Се проценува дека 20 македонски државјани како доброволци заминале на џихад во Исламската држава, а 12 загинале.

Аналитичарот Благоја Марковски вели дека нивната бројка можеби е поголема, но, според него, клучно прашање е што ги тера граѓаните на Македонија и на другите балкански земји да војуваат за туѓи интереси.

Тие ни се враќаат со истата идеологија и во Република Македонија и можат да бидат и под влијание на нивните тамошни газди да спроведуваат разни противзаконски, па дури и терористички активности да спроведуваат во Република Македонија.
Благоја Марковски, безбедносен аналитичар.

„Првата работа е дека тоа се пред сè млади луѓе, што е многу трагично, дека потекнуваат од социјално необезбедени средини и семејства, што значи фактот на економското пресметување на нивното учество има битно влијание за тие да прифатат да учествуваат таму и третиот можеби најопасниот факт е тој што тие учествуваат таму од идеолошки побуди, односно под влијанието на пропагандата се заведени, ја прифаќаат таа идеологија, таканаречената Исламска држава, и со таква идеологија учествуваат таму и за жал со таква идеологија се враќаат во Република Македонија“, вели тој.

Во изминатиов период во Косово и во Босна и Херцеговина безбедносните служби направија повеќе акции против наводни исламски радикалисти. Во Македонија засега нема такви случаи, но од МВР велат дека имаат блиска соработка со сите пријателски служби во регионот и пошироко, разменуваат информации на секојдневно ниво и се подготвени соодветно да реагираат во секој момент.

Марковски, повикувајќи се на изјавите на полицијата, вели дека кај нас нема организирани групни центри за обука и регрутирање на борци, но посочува дека треба да се внимава на нивното враќање назад. Има неколку причини поради кои овие луѓе заминуваат на боиштата, една е поради тоа што се соочуваат со тешките услови на војната, вели аналитичарот и според него тие борци не се толку опасни по враќањето дома.

„Поопасни се другите кои идат од идеолошки причини, кои ја прифатиле таа идеологија на џихадистите и кои таму борејќи се за туѓите интереси фактички ја спроведуваат таа идеологија. Тие ни се враќаат со истата идеологија и во Република Македонија и можат да бидат и под влијание на нивните тамошни газди да спроведуваат разни противзаконски, па дури и терористички активности да спроведуваат во Република Македонија. Тука Министерството за внатрешни работи и сите други државни структури кои се бават со проблемот на безбедноста и разузнавањето треба да поведат сметка и во превентивна смисла и во смисла на тоа да не се дојде до организирање на таа идеолошка матрица и на теренот во Република Македонија“, вели Марковски.

И покрај стравот од последиците од Исламска држава, процените на Марковски се дека безбедносната состојба во Македонија не е битно загрозена и дека нема најави и можности за поширока терористичка активност, бидејќи населението не ја прифаќа идеологијата на џихадизмот.