Кумановци стравуваат од поплави

Според жителите чии домови се изложени на чести излевања на реките Коњарка и Кумановка, проблемот со регулирање на речните корита не е ниту сезонски ниту инцидентен.

Само годинава неколку пати реките Кумановка и Коњарка со своето излевање по поројните дождови поплавија и нанесоа големи материјални штети на повеќе од педесет семејства кои живеат во нивна непосредна близина во Куманово. Населението е разочарано, револтирано и исплашено дека санираното од поплавата пред некој месец повторно ќе треба да се санира. А водената стихија, како што раскажуваат поплавените, доаѓа ненадејно, навлегува во дворовите и просториите. Затоа, како што раскажуваат жителите од Средорек и улицата „Никола Тесла“, секој нов дожд внесува немир.

Пред неколку месеци ми влезе во куќата 30 сантиметри и менував сè. Ми фрлија како на куче 250 евра и што? Од Црвен крст ме викаа да ми дадат два рала маици, рало гаќи, половина килограм прашок. Па јас не сум сиромав за пола кило прашок.
Жител на Куманово.

Метеоролошките прогнози се неумоливи и тие најавуваат нови дождови, се наближува зима, забележуваат граѓаните. Оние кои половина век поминале во тој дел од градот паметат дека пред деценија коритата се чистени, но не паметат дека реките така се излевале пред три-четири децении.

Надлежните во локалната самоуправа и во државава велат дека преземаат и ќе преземаат мерки за спречување на поплавите. По намалување на водостојот, тие најавуваат чистење на речното коритово кое се напластил отпад од игла до локомотива, нанесени и израснати дрвја и што уште не. Меѓутоа поплавените поучени од претходни искуства се сомневаат во тоа.

локалната самоуправа повеќе од очигледно е пасивна, а од Дирекцијата за справување со кризи се очекува да донесат песок и да се раздели на жителите.
Ашмет Османовски, опозициски советник во Советот на Општина Куманово.

„Само измислуваат некакви такси, а никој ништо не презема. Дури и сами се организиравме да ја исчистиме реката, но не ни овозможија. Малку да заврне ние сме на штрек. Ние како да сме животни и тука како да не живеат луѓе, како и во другите делови од градот. Пред неколку месеци ми влезе во куќата 30 сантиметри и менував сè. Ми фрлија како на куче 250 евра и што? Од Црвен крст ме викаа да ми дадат два рала маици, рало гаќи, половина килограм прашок. Па јас не сум сиромав за пола кило прашок.“

РСЕ: Не се чувствувате безбедно?

„Не воопшто, на ова место каде што живееме. Па и во Куманово.“

„На штрек, на готовс, секогаш кога ќе заврне и слаб дожд, улицата е потопена, реката надојдува и така“, велат некои од жителите од улицата „Никола Тесла“, која е помеѓу две реки и додаваат дека ако од ената страна не се излее Коњарка, тогаш дотекува вода од Кумановка или Липковка, водата се разлева по улиците и во дворовите.

Според нив од подолгиот дождлив период и земјата веќе не ја апсорбира водата, така што таа останува и навлегува во подрумите и приземните простории.

За обесштетување помош барале од локалната самоуправа и од Кризниот штаб.

„Дојдоа, снимаа, сликаа, дадовме список на оштетени предмети и апарати и не не обесштетија. Исплашени сме.“

Ашмет Османовски, советник во општинскиот Совет од опозиционата коалиција За подобра Македонија, вели дека дел од речното корито бил регулиран во 2007-та година со помош на Општината и УНДП. За сегашната поплава тој додава дека локалната самоуправа требало да достави вреќи со песок, бидејќи се очекуваат уште врнежи.

„Меѓутоа локалната самоуправа повеќе од очигледно е пасивна, а од Дирекцијата за справување со кризи се очекува да донесат песок и да се раздели на жителите“, вели тој.

Османовски ја обвинува локалната самоуправа дека не се грижи за населението од овој дел од градот. Од локалната самоуправа, пак, сметаат дека тие преземаат мерки колку што се нивните можности и надлежности.

Како и да е, според жителите чии домови се изложени на чести излевања на реките Коњарка и Кумановка, проблемот со регулирање на речните корита не е ниту сезонски ниту инцидентен. Речните корита според нив, треба еднаш годишно да се чистат и да се одржуваат. Тоа подразбира и ригорозни казни за несовесните граѓани кои во коритата и во водата фрлаат отпад и шут.