Државниот кредит за бизнис не е многу, но е добра основа

Илустрација.

Апсолутно дека не се доволни, но се доволна помош. За старт на нов бизнис може да се перцепираат како добра помош, но навистина кога ќе навлезете во тој круг на инвестиции, парите исчезнуваат за миг, вели Александар Стефановски, сопственик на мал бизнис.

Труесет и тригодишниот Александар Стефановски пред две години започнал да го подготвува својот бизнис план за да отвори ресторан за брза храна во центарот на Скопје. Неговото семејство долго време се занимавало со угостителство и, како што вели, природна е неговата желба да работи во оваа област. За да го отвори ресторанчето за традиционална мексиканска храна, тој одлучил да побара финансиска помош преку проектот за млади претпиемачи на Агенцијата за вработување и програмата за развој на Обединетите нации. И за околу 5 месеци од аплицирањето, тој добива помош од 3.000 евра неповратни средства. Ако сакате да започнете сопствен бизнис треба да имате јасна визија и добар бизнис план, вели Александар.

Потребни се разни документи за добивањето на грантот, но она што е поважно и кое треба да биде направено од наша страна е самиот бизнис план, кој треба да го има секој што сака да аплицира за средствата.
Александар Стефановски, сопственик на мал бизнис.

„Потребни се разни документи за добивањето на грантот, но она што е поважно и кое треба да биде направено од наша страна е самиот бизнис план, кој треба да го има секој што сака да аплицира за средствата. Иако Агенцијата за вработување и УНДП помагаат во креирањето на планот, треба претходно да знаете што треба да се работи, да биде јасна визијата за која се појавувате таму и сето тоа да биде добро стаботено во еден бизнис план, каде ќе бидат наведени сите идеи за тоа што ќе се работи, кои се целните групи, колку тоа ќе чини. На крај тие одлучуваат дали сето тоа е исплатливо и дали е остварлив целиот бизнис.“

3000 евра не се доволно пари за започнување бизнис, вели Александар, но смета дека ваквата помош е доволна ако веќе имате собрано дел од парите.

Апсолутно дека не се доволни, но се доволна помош. За старт на нов бизнис може да се перцепираат како добра помош, но навистина кога ќе навлезете во тој круг на инвестиции, парите исчезнуваат за миг, но во секој случај се доста добра подлога за да се започне било каков мал бизнис.
Александар Стефановски.

„Апсолутно дека не се доволни, но се доволна помош. За старт на нов бизнис може да се перцепираат како добра помош, но навистина кога ќе навлезете во тој круг на инвестиции, парите исчезнуваат за миг, но во секој случај се доста добра подлога за да се започне било каков мал бизнис.

На Александар засега добро му оди работата. Започнал со само тројца вработени во ресторанчето, а во моментов неговиот тим е составен од осум луѓе и за еден месец планира да го прошири бизнисот со нов локал. Мислам дека сме на добар пат, вели тој и додава дека за успешен старт на бизнисот, младите треба да бидат уникатни и подготвени да се соочот со повеќе предизвици.

„За успешен старт треба да се биде уникатен. Тоа е прво, а потоа секој ден е борба, бидејќи конкуренција има на овој или оној начин и не мора да биде директна, а економската состојба во Македонија не е сјајна така што секојдневна борба е за да се избориш на пазарот“, вели Александар Стефановски кој верува дека институциите праведно ги делат овие средства и младите кои имаат добра бизнис идеја имаат шанси да добијат парична помош.

Деновиве Владата промовираше нови мерки во рамките на програмата за самовработување. Младите до 29 години во рок од десет дена имаат можност да поднесат барање за повратен кредит во износ од 7000 евра. Парите со каматата од 1 отсто, ќе треба да го вратат за 7 години, со грејс период од 18 месеци. Оваа мерка важи и за фирмите кои ќе можат да аплицираат и за дополнителни средства од 4.000 евра за секое ново отворено работно место.

Младите и фирмите кои се заинтересирани да поднесат барање треба да се обратат во работните клубови на Агенцијата за вработување на Македонија. Оттаму побаравме подетални информации за тоа какви услови треба да исполнат младите и фирмите, кои документи им се потребни и каде треба да аплицираат, но надлежните служби одбија да ни дадат одговори на овие прашања.