Породилни маки на Фондот за здравство

Илустрација.

Здруженијата за права на жените се загрижени дека плановите породилното отсуство да го плаќаат фирмите, кои потоа ќе треба да си го наплатат тоа од државата, ќе доведе до дискриминација при вработувањето жени. ФЗО вели дека тоа е за доброто на жените.

Од платформата за родова еднаквост денеска го демантираа Фондот за здравствено осигурување, кој реагираше дека се појавиле дезинформации во јавноста, односно дека институцијата никогаш не најавила измени оти надоместоците за породилно отсуство и боледување ќе паднат на грбот на фирмите. Санела Шкриељ од платформата и од здружението за локален и рурален развој вели дека е јасно оти со измените фирмите најпрвин ќе ги платат надоместоците, па потоа ќе треба да испратат барање до фондот за повраток на средствата.

Зголемена дискриминација при вработување на жените поради стравот на работодавачите дека парите за породилно отсуство кое трае девет месеци ќе им биде исплатено со големо задоцнување или во најлош случај нема да биде исплатено. Ова ќе доведе до невработување на жените, работодавачите ќе изберат да вработат мажи за да го избегнат овој трошок.
Елена Димушевска, Национална мрежа против семејно насилство и насилство против жените.

„Токму тоа е она на што ние упатуваме дека претставува дополнително оптоварување на целата административна процедура која и така не би требало да постои. Значи, обврска на Фондот е директно, автоматски, без никакви дополнителни ограничувања да ги исплаќа тие надоместоци согласно законите и согласно меѓународните стандарди коишто нашата држава ги прифатила“, вели Шкриељ.

Санела Шкриељ и Елена Димушевска.

Според неа, Фондот постојано потенцира дека благодарение на мерките и активностите кои ги преземаат сега надоместоците се исплаќаат тековно и без непотребни доцнења, така што останува нејасна причината зошто се инсистира на измените. Директорката на Фондот, Маја Парнаџиева Змејкова, вчера изјави дека предлогот за побрза исплата на парите бил по барање на осигурениците. Според неа, Фондот никогаш не размислувал надоместокот да биде на товар на фирмите, туку целта е парите да стигнат побрзо до осигурениците.

Ова е само и ексклузивно за доброто на жените. Во ниеден момент не би си дозволила и јас лично како жена да промовирам, презентирам некоја новина којашто ќе им наштети на правата на жените.
Маја Парнаџиева Змејкова , директорка на ФЗО.

„Ова е само и ексклузивно за доброто на жените. Во ниеден момент не би си дозволила и јас лично како жена да промовирам, презентирам некоја новина којашто ќе им наштети на правата на жените. Затоа не можам да поверувам на храброста на некои институции, не се тоа институции, туку здруженија кои си дозволија да ја изманипулираат јавноста во целост“, рече директорката на ФЗО.

Елена Димушевска од Националната мрежа против семејно насилство и насилство против жените, вели дека измените ќе имаат низа последици.

„Зголемена дискриминација при вработување на жените поради стравот на работодавачите дека парите за породилно отсуство кое трае девет месеци ќе им биде исплатено со големо задоцнување или во најлош случај нема да биде исплатено. Ова ќе доведе до невработување на жените, работодавачите ќе изберат да вработат мажи за да го избегнат овој трошок, ова, пак, ќе ја зголеми неактивноста на жените и ќе доведе до нивно дополнително исклучување од пазарот на труд, ќе ја зголеми несигурноста на работните места за жените, ќе го ограничи пристапот до правото на бременост и мајчинство“, вели Димушевска.

Шкриељ порача и дека не е точно оти мерката ќе се однесува само на големите фирми, туку на сите оние кои имаат повеќе од пет вработени, што значи дека и малите фирми ќе бидат опфатени.