До каде се изборните ветувања во Охрид?

Опозицијата во Охрид обвинува дека власта не остварила ништо од предизборните ветувања. Власта пак вели дека од СДСМ не знаат што се случува во градот.

Актуелната локална гарнитура во Охрид нема реализирано ништо од ветувањата кои ги даде пред oхриѓани пред локалните избори, а кои требаше да ги реализира до крајот на 2014 година, велат од СДСМ Охрид. Градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ го заборавија она што им го ветија на граѓаните, рече Јован Стојаноски советник од СДСМ во Советот на Општина Охрид.

Подобрување за условите за живот за граѓаните во Охрид не беше приоритет дефинитивно за ВМРО- ДПМНЕ. Но затоа ги задолжија граѓаните на Општина Охрид во следните 16 години со 127 милиони денари или повеќе од 2 милиони евра.
Јован Стојаноски, советник од СДСМ во Советот на Општина Охрид.

„Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ ветија изградба на нова современа автобуска станица како приоритет. Помина година ипол, ама нова автобуска станица нема. Не е реализирано ниту ветувањето за нов откупен дистрибутивен центар за раноградинарски производи со ладилник како што беше ветено во нивната предизборна програма со краен рок на завршување 2014. Земјоделците од овој крај ќе чекаат подобри времиња. Го нема ниту ветениот дом за стари лица, ниту затворениот пазар во Охрид“, вели Стојаноски.

На граѓаните на Охрид им ветуваа и затворен базен за пливање и катни гаражи. Денес тоа се само нови неостварени ветувања на ВМРО-ДПМНЕ. До крајот на 2014 година охриѓани ќе останат и без ветената развојна индустирска зона. ВМРО-ДПМНЕ не донесе напредок, ниту Охрид го направи подобро место за живеење. Напротив, Охрид е на врвот во економската стагнација. Токму затоа во Охрид се случува и најмасовното иселување на млади, образовани луѓе. Дури 766 млади луѓе се иселиле од Охрид за една година, рече Стојаноски.

„Подобрување за условите за живот за граѓаните во Охрид не беше приоритет дефинитивно за ВМРО- ДПМНЕ. Но затоа ги задолжија граѓаните на Општина Охрид во следните 16 години со 127 милиони денари или повеќе од 2 милиони евра“, рече Стојановски.

Од Општината велат дека СДСМ биле отсутни од случувањата во градот.

„Во оваа партија добро знаат дека градбата на новата автобуска и домот за стари лица се во фаза на добивање на сите потребни дозволи и наскоро ќе се најдат пред советниците, по што ќе се пристапи кон постапка за објавување на оглас за продажба на земјиштето на лицитација и градба на овие објекти од заинтересираните инвеститори. Индустриската зона за која е во фаза на изготвување на урбанистички прект за неа веќе постои голем интерес кај конкретни странски инвеститори, а истото е и со откупниот центар за кој обезбедуваме урбанистичко планска документација“, се вели во реакцијата на општината.

Од таму велат дека за базенот биле завршени сите припреми, Агенцијата за спорт и млади го изработувала основниот проект и оти до крајот на годината очекувале да се издаде одобрение за градба по што ќе бил распишан повик за изградба на објектот. Биле горди на кредитот од Светска бака, бидејќи таков кредит можела да добие само финансиски стабилна општина.