Слаби резултати во привлекувањето странски инвестиции

Архивска фотографија.

Во првите осум месеци од годинава во Македонија влегле околу 176 милиони евра странски инвестиции, што е за 11 милиони евра помалку од истиот период минатата година.

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски повторно се растрча во лов по странски инвестиции, овој пат дестинацијата е САД. Пред една недела поволностите за инвестирање во Македонија беа презентирани и на конференција во Канада.

Значи 10 проценти од БДП во Македонија е тука некаде околу 400 милиони евра, значи ако го достигнеме тоа, можеме да бидеме среќни, значи ако толку достигнеме, тоа е отприлика лимитот што може да го направиме.
Сашо Арсов, универзитетски професор.

Власта воедно постојано се фали дека Македонија има добра бизнис клима, а како потврда за тоа ги нагласува извештаите на меѓународните организации. Но, бројките засега не и одат во прилог. Последните податоци на Народна банка покажуваат дека во земјава во првите осум месеци од годината влегле околу 176 милиони евра странски инвестиции. Споредбено со истиот период во минатата година има пад од над 11 милиони евра.

Професор Зоран Ивановски вели дека она што го привлекува инвеститорот е стабилност и сигурност на законите, како и бизнис климата и условите во кои работат компаниите.

Сепак за мене останува клучно обезбедувањето на домашните инвеститори, бидејќи тие се секогаш главните во една национална економија и нивното позначително учество и посилно и похрабро инвестирање, мислам ќе даде само дополнителен придонес за привлекувањето на инвеститори од надвор.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

„Честа инцидентна промена на законите или на условите за работа секогаш внесува несигурност кај странските инвеститори и ги води кон апстиненција во инвестирањето. Значи ако го земеме последниот пример околу најавеното либерализирањето на пазарот на електричната енергија и во минута до 12 промена на политиката и одложување на тој процес, сето тоа се сигнали кои негативно влијаат на странските инвестиции“, вели професор Ивановски.

Професор Сашо Арсов вели дека капацитетот на земјата за привлекување на странски инвестиции на годишно ниво е околу 400 милиони евра.

„И ако се гледа статистички, може да се види дека генерално во светот, отприлика странските инвестиции во една земја се движат некаде до 10 проценти од бруто домашниот производ во просек, значи 10 проценти од БДП во Македонија е тука некаде околу 400 милиони евра, значи ако го достигнеме тоа, можеме да бидеме среќни, значи ако толку достигнеме, тоа е отприлика лимитот што може да го направиме“, вели професор Сашо Арсов.

Според Ивановски, не може преку ноќ да се промени ситуацијата и бара подолго време и поголема упорност за прикажување на земјата како атрактивна за странски инвестиции.

„Сепак за мене останува клучно обезбедувањето на домашните инвеститори, бидејќи тие се секогаш главните во една национална економија и нивното позначително учество и посилно и похрабро инвестирање, мислам ќе даде само дополнителен придонес за привлекувањето на инвеститори од надвор“, вели Ивановски.

Македонија е последна во регионот по прибирање странски директни инвестиции, односно во 2013 година во земјата имало прилив од скоро 269 милиони евра.