Достапни линкови

Добри во Дуинг бизнис - последни за странски инвестиции


Илустрација: Почеток на изградбата на индустриска зона во Струга.
Илустрација: Почеток на изградбата на индустриска зона во Струга.

Македонија има добри оценки за условите за водење бизнис во извештајот на „Дуинг бизнис“ , но инвеститорите не бараат само закони, туку и нивно спроведување.

Позитивните оценки во најновиот извештај на „Дуинг бинис“, каде Македонија е рангирана на високото 30 место според предностите за водење бизнис, се добредојдени и позитивно ќе влијаат во привлекување на нови странски инвестиции, но за странските инвеститори важни се и други аспекти на функционирањето на стопанскиот систем во земјата, велат познавачите на состојбите.

Прашањето за привлекување странски инвестиции, особено директните странски инвестиции, е многу покомплексно и зависи од многу околности, не само од оценките за отворање на бизнис.
Слободан Најдовски, поранешен пратеник и економски аналитичар.

Фокусот на политиките на Владата повеќе години е насочен кон привлекувањето странски инвестиции. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека ова истражување на Светската банка опфаќа само еден дел од прашањата за водењето бизнис и успешното работење на компаниите. Според него, вложувањата на странските инвеститори зависат и од тоа како функционираат судовите, банкарскиот систем, патната инфраструктура - аспекти кои не се анализирани во извештајот на Дуинг бизнис.

Илустрација.
Илустрација.

Причината не е во донесување закони, туку во менување на политичката и безбедносната криза во која се наоѓа Македонија.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

„Прашањето за привлекување странски инвестиции, особено директните странски инвестиции, е многу покомплексно и зависи од многу околности, не само од оценките за отворање на бизнис. Така на пример многу е важна големината на пазарот, што е наш хендикеп, можноста за извоз, односно поврзаноста на земјата во надворешната економија. Досегашното искуство покажува дека кај нас главните странски инвестиции главно се засноваат врз поволностите, односно субвенциите кои ги дава македонската влада. Тоа во даден момент може да се покаже прилично негативно и со изминувањето на роковите за субвенции постои една потенцијална опасност за заминување на тие инвестиции од Република Македонија“, вели Најдовски.

Според поранешниот министер за финансии, Џевдет Харедини, ваквите оценки паѓаат во вода пред податокот дека Македонија е на последно место во регионот според привлекувањето на директни странски инвестиции.

„Тие велат дека има услови, оти ги гледаат формалните аспекти, што е точно, меѓутоа проблемот го прави уште посложен одговорот на тоа зошто нема странски инвестиции, како што има во земјите околу нас, чии премиери не шетаат по светот и тогаш за власта е многу тешко да одговори зошто сме последни по странски инвестиции. Тоа значи дека причината не е во донесување закони, туку во менување на политичката и безбедносната криза во која се наоѓа Македонија“, вели Хајредини.

Според последниот извештај на Обединетите нации, Македонија е последна во регионот по привлекувањето на странски директни инвестиции. Во земјата лани влегле 334 милиони долари странски капитал, за разлика од Црна Гора каде влегле 447 милиони долари, а во Србија и Албанија имало двојно повеќе.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG