Власта прашува, власта одговара

Илустрација.

За прв пат во овој пратенички состав и оваа владина гарнитура се одржа собраниска седница за пратенички прашања. Во отсуство на опозицијата се губи смислата на овој механизам, коментираат дел од аналитичарите.

Речиси без незадоволни од одговорите добиени од министрите и со истакнување дека прашањата произлегуваат од посетата на населените места и разговорот со граѓаните помина првиот дел од денешната седница за пратенички прашања, во која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги коментираа одговорите добиени на прашањата поставени по писмен пат.

Не е ново дека ДУИ го има ресорот економија 11 години, меѓутоа несреќата е во тоа што ако ги наброиме сите министри што биле министри за економија ќе сфатиме дека ниту еден од нив, ниту едно работно место нема отворено за Албанците, ниту еден странски инвеститор не е ориентиран кон албанските населени места.
Имер Алиу, пратеник од ДПА.

„Поставив прашање до Министерството за транспорт за изградбата на патот Амзибегово–Црнилиште. Одговорот што го добив е дека овој патен правец ќе се работи.“

„Пратеникот Благица Ласовска е задоволна од одговорот и нема дополнителни пратенички прашања“, рече спикерот Вељаноски:.

Прв пратеник кој постави директно прашање до присутните членови од владата беше опозиционерот Имер Алиу од ДПА, партија која одлучи да се врати во пратеничките клупи по краткото отсуство. Го искористи времето да ја критикува партијата на Али Ахмети, но на крајот рече дека немал конкретни прашања оти ДУИ и така не одлучувале за ништо.

„Не е ново дека ДУИ го има ресорот економија 11 години, меѓутоа несреќата е во тоа што ако ги наброиме сите министри што биле министри за економија ќе сфатиме дека ниту еден од нив, ниту едно работно место нема отворено за Албанците, ниту еден странски инвеститор не е ориентиран кон албанските населени места“, рече Алиу.

Последното што го актуализиравме, каде тоа се слика Груевски со буткачите, рушачите на Општина Центар. Моментите со фалсификување на изборите, како тоа ние сме први по сите показатели, кои наводно ги презентира владата, а овој народ секој ден живее се посиромашно и позадолжено.
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

По него предност им се даде и на другите опозиционери, па Роза Топузова- Каревска праша за иселување на македонските граѓани и за лошата состојба во болницата во Прилеп.

Според Петре Шилегов, портпарол на СДСМ и избран пратеник, кој според партиската одлука не го прифати мандатот, очекувано било седницата да прерасне во, како што вели, самопромоција на Владата. Тој смета и дека Груевски требало да одговори на многу други прашања што се наметнале во периодов.

„Последното што го актуализиравме, каде тоа се слика Груевски со буткачите, рушачите на Општина Центар. Моментите со фалсификување на изборите, како тоа ние сме први по сите показатели, кои наводно ги презентира владата, а овој народ секој ден живее се посиромашно и позадолжено“, вели чија партија останува на одлуката прашањата да ги поставуваат од партиските прес конференции, а не во парламентот.

Аналитичарот Насер Зибери, пак, смета дека тоа не може во ниту еден случај да биде замена за институтот пратенички прашања. Тој објаснува дека тоа е правно уредено дејствување, а владата има обврска да одговори на таквите прашања.

„Во ваква ситуација се губи смислата на институтот пратенички прашања и не се остварува целата таа контрола на законодавната врз извршната власт“, вели Зибери.

Инаку денешната седница почна со еден час задоцнување. Таа е прва седница на пратенички прашања во овој состав на парламентот и на оваа владина гарнитура.