Достапни линкови

Собранието ги донесе заклучоците за Извештајот на ЕК


Илустрација.
Илустрација.

Парламентарното мнозинство ги прифати заклучоците по Извештајот на ЕК за напредокот на РМ за 2014 година. Против се изјаснија пратениците од ДПА.

Пратениците попладнево во рамки на 18-та седница ја завршија расправата за Извештајот на ЕК за напредокот на земјата.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2014 година во Собранието се разгледуваше во отсуство на опозицијата, а пратениците од владејачките партии главно сметаат дека извештајот не е идеален, но оти е реален. Вицепремиерот Фатмир Бесими повтори дека е важно што добивме препорака и оти уште поважно е што треба да се направи во следниот период за подобрување во областите во кои има забележано недостатоци.

Признаваме дека прашањето не е идеално, состојбата не е идеална, признаваме дека имаме капацитети во Македонија и треба да работиме уште повеќе.
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции.

„Не е доволно, можеме да правиме повеќе, имаме капацитети и треба да работиме во сите области кои се бележат во Извештајот и затоа признаваме дека прашањето не е идеално, состојбата не е идеална, признаваме дека имаме капацитети во Македонија и треба да работиме уште повеќе“, речи Бесими.

Фатмир Бесими.
Фатмир Бесими.

Меѓу пратениците кои во извештајот на ЕК видоа констатирани лоши владини политики беа претставниците од ДПА. Според пратеникот Орхан Ибраими од оваа партија, очигледно е дека има различна диоптрија за извештајот на ЕК во Македонија. Тој особено не штедеше зборови на критика за ДУИ и за вицепремиерот Бесими, оценувајќи дека тој за повеќе години смени неколку министерски позиции, а во земјата нема напредок.

Ние имаме узурпирани медиуми и ако имавме вистинска демократија убеден сум дека граѓанинот Албанец нема да ве гласа, ниту еден.
Орхан Ибраими, ДПА.

„Ако имавме реален демократски простор, вие ниту една година немаше да бидете министер, ова го вели и извештајот за напредокот. Ние имаме узурпирани медиуми и ако имавме вистинска демократија убеден сум дека граѓанинот Албанец нема да ве гласа, ниту еден“, рече пратеникот Орхан Ибраими од ДПА.

Пратеничката Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ денеска го поздрави враќањето на ДПА во Парламентот, оценувајќи дека тоа е во интерес на евроинтегративните процеси. Во врска со посочените критики во извештајот, таа одговорноста ја лоцираше и кај власта и кај опозицијата.

„Извештајот е одраз на севкупното работење и на позицијата и на опозицијата, тоа е оценка, слика за демократскиот напредок“, рече Бонева.

За СДСМ, јасни и недвосмислени се пораките во Извештајот на Европската комисија со посочена одговорност кон врвот на власта и прецизно се констатирани катастрофалните владини политики. Според Лидија Димова од оваа партија, фактот што дури сега се дискутира за извештајот кој ЕК го објави на 8 октомври покажува колкава е неодговорноста на оваа власт во врска со евроинтеграциите на Македонија.

„Првпат се случува да се разгледува во Собранието без присуство на опозицијата, друга работа што се случува со овој извештај е што толку отворено во него пишува дека државата недвосмислено назадува. Аиво Орав од досега тотално неактивен амбасадор на ЕУ, сега излегува и вели дека владата треба да си го прочита извештајот, значи во овој извештај има многу - за прв пат работи“, изјави Димова за Радио Слободна Европа.

Евроамбасадорот Аиво Орав посочи на сериозните забелешки во неколку конкретни области, меѓу кои политизација на државните институции, контрола на владата врз медиумите, слобода на изразувањето, ситуацијата во врска со политичка криза, независноста на судството и борбата против корупцијата. Тој јасно стави до знаење дека Владата треба сериозно да ги прифати забелешките и дека овие прашања конечно да бидат решени.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG