Историски успех е воведувањето минимална плата, поради самиот факт што законот претходно не беше донесен. Историски успех е што платата веднаш беше зголемена за 100 проценти, вели претседателот на Сојузот на синдикати Живко Митревски во интервју за Радио Слободна Европа, кое ќе се емитува в недела. Според него, пред донесувањето на законот работниците во просек земале по 4.500 до 5.000 денари, а сега минималната плата изнесува 8.050 денари.
Околу 65 илјади работници во Република Македонија пред донесувањето на овој закон примаа плата до 4.500 денари. Ние не велиме дека е премногу висока, но е подобро ако направиме споредба во однос на претходно кога воопшто немаше ништо.Живко Митревски, претседател на ССМ.
„Околу 65 илјади работници во Република Македонија пред донесувањето на овој закон примаа плата до 4.500 денари. Ние не велиме дека е премногу висока, но е подобро ако направиме споредба во однос на претходно кога воопшто немаше ништо“, вели Митревски.
Долгогодишниот синдикалец и правен експерт Драге Јованоски вели дека воведувањето минимална плата претставува земјотрес за работничката класа. Според него, износот е пренизок и не може да се поистоветува со најниска плата. Пред воведувањето, како што вели тој, со платата се исплаќале храна и превоз, што значи дека ако се одземат овие трошоци од минималната плата се сведува дека таа изнесува околу 4000 денари.
Ако платата се подели со вкупниот број на работни часови, ќе испадне дека е не најниска, туку историски најниска цена на трудот.Драге Јовановски, поранешен синдикалец.
„Донесена е и прифатена штетна одлука и практично работничката класа во Република Македонија е вратена можеби 20, 30, па и повеќе години назад. Да беше најниската плата 19, 20 или 21 илјади денари, тогаш добро. Ова претставува катастрофален потег и на власта и на тие што се согласиле со толкав износ на плата“, вели Јовановски.
На прашањето дали македонскиот работник може да преживее со 8050 денари Митревски одговара:
„Ние не зборуваме дали може да се преживее или не може, ние зборуваме за утврдување на минимум егзистенција. Значи, не можеме да ја поврзуваме минималната плата со основа за реализација на еден нормален живот на четиричлено семејство“, вели Митревски.
Јовановски вели дека е очигледно оти станува збор за утопија, бидејќи кога некој кажува дека потрошувачката кошница е над 500 евра, а се залага за минимална плата тогаш одлуката е штетна.
„Станува збор за вредноста на трудот. Значи, трудот на самиот работник е намален. Ако платата се подели со вкупниот број на работни часови, ќе испадне дека е не најниска, туку историски најниска цена на трудот“, вели Јовановски.
Според Митревски, наредната години минималната плата ќе биде 9.560, а годината потоа 10.080 денари. Идејата на синдикатот, како што порачува тој, е платите постојано да се зголемуваат согласно со трошоците за живот.