Новиот политички субјект на Албанците со граѓански концепт може да има поддршка кај граѓаните доколку ги увери дека имаат квалитетни луѓе, идеи и програма, но во спротивно тоа ќе биде една обична заблуда. Ова се коментарите на дел од експертите, по најавите дека нова политичка партија на Албанците во земјава ќе биде промовирана на почетокот на наредниот месец. Партијата најави дека ќе се идентификува со политичко дејствување, граѓански акции и јавни дебати.
Албанските политичари го држеа интересот на етникумот, значи немаше тука граѓански концепт, немаше тука социјален концепт, немаше интереси на граѓани, туку само интересот на етникумот, затоа сум скептична. Дали ќе заживее на нашата политичка сцена и дали ќе има некакво влијание, тоа ќе зависи од луѓето што ја создаваат и како ќе ја водат.Соња Стојадиновиќ, политиколог.
Аналитичарот Соња Стојадиновиќ вели дека формирање партија со граѓанска ориентација е убав чекор, но се сомнева дека таа партија ќе има единствено социјален, односно граѓански предзнак.
„Албанските политичари го држеа интересот на етникумот, значи немаше тука граѓански концепт, немаше тука социјален концепт, немаше интереси на граѓани, туку само интересот на етникумот, затоа сум скептична. Дали ќе заживее на нашата политичка сцена и дали ќе има некакво влијание, тоа ќе зависи од луѓето што ја создаваат и како ќе ја водат“, вели Стојадиновиќ.
Ако успеат да ги убедат граѓаните дека тие не се формираат за да бидат приврзоци на некоја поголема партија, верувам дека можат да бидат едно добро изненадување.Исмет Рамадани, политички аналитичар.
Меѓу основачите во новата партија има луѓе од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Обично луѓето велат дека би поддржале трета политичка опција, но најчесто се вртат кон постојните, најголемите политички опции, кои традиционално имаат најголемо гласачко тело.
Засега новите т.н. трети политички опции немаа некој позначаен прием кај граѓаните, меѓутоа политикологот Исмет Рамадани мисли дека овој пат може да биде поинаку. Луѓето се веќе изморени од постојните политички агенди и ветувања, вели тој.
„Имаме огромно незадоволство кај граѓаните и од власта и од опозицијата, посебно во албанскиот блок“, вели Рамадани.
Пред неколку години партијата на Имер Селмани се обиде да се наметне како партија со граѓански концепт, но по извесно време оваа партија повторно се врати на етничките теми, бидејќи тоа најмногу носи гласови на партиските конта. Рамадани предвидува дека резултатите од дејствувањето на партија со граѓански концепт ќе бидат видливи доколку тие покажат стабилност како самостоен субјект, а не како приврзок на некоја поголема партија.
„Ако успеат да ги убедат граѓаните дека тие не се формираат за да бидат приврзоци на некоја поголема партија, верувам дека можат да бидат едно добро изненадување“, вели Рамадани.
Излегува дека политичкиот простор е толку контаминиран што секоја нова политичка опција по извесно време мутира. Се наметнува прашањето дали треба да трагаме по трет правец кога на луѓето и овие постојните партии им се премногу. Според Стојадиновиќ, има шанси за трета опција и во македонскиот блок, но само ако идеите околу кои дејствуваат, граѓаните ги разберат како важни за нив.